Драго ми е што сите овде, во Националната опера и балет (НОБ) присустувате на еден историски чин. Што би рекол еден наш драг пријател којшто моментално не е меѓу нас, ова е историски момент за Македонија. Уживајте!
Вака Гоце Стевковски, директор на Националниот џез оркестар ја поздрави синоќа публиката која пристуваше на „Jazz Nova“ првиот концерт кој се одржа во НОБ.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред почетокот на концертот истакна дека со многу љубов, работа, разбирање, почит и визија заеднички стигнале до оваа концертна вечер на новоформираната национална установа од областа на културата.
Знаеме како заедно дојдовме дотука. Затоа оваа вечер, задоволството е уште поголемо. Убедена сум дека овие музичари, кои му се познати и на регионот, ќе посегнат и кон врвот на светската џез-сцена. Како министерка за култура, како Министерство и како Влада, ќе ги поддржиме и на тој пат, рече Костадиновска-Стојчевска.
Концертот претставуваше симбиоза на биг бенд творештвото на истакнати македонски џез автори од повеќе генерации. Оркестарот отсвири дела на Гордан Спасовски, Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Иван Петроовски, Алек Пејовски, Владимир Николов, Гоце Стевковски, Сашко Николовски, Илија Пејовски и Џијан Емин.
Владата, лани, во март донесе одлука за формирање на Националната установа „Оркестар за џе музика во Република Македонија“.
За месеците што следуваат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар што ги следи актуелните трендови во џез-музиката, но вклучува и изведби на џез-класици од домашната, регионалната и од светската џез-сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња.
Новата установа ќе придонесе кон создавање висококвалитетен македонски џез-производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез-сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.
Оваа установа, меѓу другото ќе ги зачува талентираните џез-музичари, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез-културата на територијата на целата држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.