Свечено отворена е „Галерија 22“ при Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип. Некогашното фоаје на Домот на културата сега е реновирано и модернизирано. За денешното отворање подготвена е целодневна програма, а директорот Горан Трајков истакна дека галеријата ќе им служи на сите уметници за организирање на своите настани.

Галеријата е реконструирана од сопствени средства на Центарот за култура. Она што ме радува е дека при реконструкцијата се искористени сите вредности и капацитети од човечкиот потенцијал коишто ги имаме на располагање. Сето тоа го ставивме на едно место и тука може да се види колку знаење е акумулирано преку кадарот кој е вработен во Центарот за култура. Она што е важно при отворањето е дека денеска по 40 години се реконструира. Зошто е важно тоа? Затоа што далечната 1982 година е именуван и Центарот за култура по името Ацо Шопов. Затоа оваа година ќе биде година на промени, ќе го обновиме сјајот, вели Трајков.

Прв настан во „Галерија 22’ беше изложбата на ликовната уметница Валентина Илиевска од Куманово, која првпат има своја изложба во Штип, но истата се изложува по десетти пат во повеќе градови низ државата. Станува збор за циклус со кој таа одамна се претставува, а кој содржи трансформација на квадратот, провлечен низ цртежи, графики, слики и различни тематики.

Самиот мотив е синиот квадрат или сината коцка, зависно во кои медиуми и во кои дела таа се претставува. Таа е симбол на човечноста. Ја обработувам уште од факултетските денови, бидејќи колку што може да видиме, современиот човек ги има заборавено оние егзистенцијални пориви и самите вредности коишто ги имаме, па затоа ова е еден симболичен порив за враќање на природата, на човештвото и кон самата наша интуитивност. Така би се одржал развојот на човештвото и самиот развој што ќе може да го издигнеме на пиедестал, како и културата и уметноста, рече Илиевска.

Освен изложбата, дел од дневната програма беше и промоција на наградената поема „Цветко“ на Трајче Кацаров, изложба на носии, како и промоција на списанието за уметност на националната установа. Дел од вечерната програма, пак, е изложбата на жени уметници од три градови, Штип, Кочани и Виница, а за најмладите ќе има  забава во вечерните часови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.