Музејот на Македонија го одбележува Меѓународниот ден на музеите со поставување на изложбата „Гозби за живите, предците, боговите и светците“.

Изложбата ќе биде отворена в среда, 18 мај, во 12:00 часот и влезот за посета на музејските поставки ќе биде слободен до недела, 22 мај 2022 година.

Гозбите претставуваат посебни оброци по својата природа, како и по количината на храната којашто се дели меѓу поширок круг на луѓе. Тие се повод не само за јадење и разговор, туку и за музички изведби, свечени говори, молитви и жртви, политички мотивирани собири и трговии. Гозбите се сеприсутни низ човековата историја, но археологијата не може јасно да ги дефинира. Оттаму, сознанијата за нив ги бараме во етнографските записи, особено за темите како што се ритуалот, церемонијалната размена и жртвувањето. Така преку денешните ритуали и прослави забележани во нашата традиција, добиваме целосната слика која зборува за многу традиции кои водат потекло длабоко во минатото. Оваа изложба е еден семиотички пристап каде преку јадењето и пиењето, како особено моќни медиуми, се опфаќа човековиот живот, неговото битисување во општеството, верувањата и обичаите.

Изложбата обработува четири теми, преку кои се раскажува приказната за гозбите. Преку прослави кои се врзани за секојдневниот живот на луѓето и ги одбележуваат нивните важни моменти, свадби и крштевки, но и поводи за подготвување на заеднички гозби, како принесување крвни жртви, курбани, погреби и помени. Со тоа се затвора дел од циклусот на животот на човекот. Овој наратив се следи преку повеќе медиуми како музејски предмети, уметнички и документарни фотографии и документарни филмови.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.