Оркестарот на операта на Српскиот народен театар – Нови Сад, вечер ќе настапи на „Охридско лето“ под диригентската палка на Луис Горелик од Аргентина. Солист на вечерта ќе биде сопранот Марија Јелиќ од Србија.

Оркестарот на операта на Српскиот народен театар во Нови Сад, како што информира националната установа „Охридско лето“, е основан на 16 ноември 1947 година и оттогаш е главен чинител на секоја оперска изведба.

Високото професионално ниво на ансамблот се постигнува со постојана професионална надградба на неговите членови преку учеството во други оркестри како Симфонискиот оркестар на Војводина, разни ансамбли на радио и ТВ Војводина, Камерниот оркестар од Нови Сад, Музичкото училиште „Исидор Бајиќ“, а дел од музичарите учествуваат и во оркестарските проекти на Музичката академија во Нови Сад, стои во информацијата.

Оркестарот брои 75 музичари, а заедно со хорот и солистите на операта изведува дела од „железниот“ оперски репертоар, но и мјузикли, оперети, хорска музика, како и симфониски концерти. Во изминатите неколку сезони на сцената на Операта во Нови Сад се изведени следните наслови: „Волшебната флејта“ од Моцарт, „Травијата“, „Набуко“ и „Трубадур“ од Верди, потоа „Тоска“, „Мадам Батерфлај“ од Пучини, „Кармина Бурана“ од Карл Орф, „Севилскиот берберин“ и „Пепелашка“ од Росини, „Љубовен напиток“ од Доницети, „Гркот Зорба“ од Теодоракис, „Принцеза на чардашот“ од Имре Калман, како и дела од српската музичка ризница: „Принцот Иво од Семберија“ од Исидор Бајиќ, „Владимир и Косара“ од С. Дивјаковиќ…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.