Фестивалот „Охридско лето“ 63-тиот роденден ќе го прослави со Фадо музика, традиционална Португалска национална песна со извонредниот вокал Жуана Амендоира од Португалија придружувана од уметниците Педро Амендоира на португалска гитара и Жуао Фелипе на фадо-гитара.
Програмата на „Охридско лето“ за роденденот 4 август веќе по традиција нуди несекојдневни доживувања, настани кои по својот уметнички квалитет и атрактивност се издвојуваат од вообичаените програмски содржини.
Како што беше истакнато на денешната прес-конференција по повод роденденот на Фестивалот, „Охридско лето“ е културна институција која има богата традиција и голем меѓународен углед.
Денеска по 63-пат посакуваме да ни е вечен Фестивалот кој зад себе испиша богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации. Плејада славни музичари и актери, реномирани оперски и театарски куќи, бројни љубители на уметноста, но и сите оние кои неуморно работеле да го воздигнат Фестивалот, ни ја дадоа честа да славиме успешни 63 години. Потпирајќи се на долгата богата традиција, „Охридско лето“ без сомнение чекори кон нови предизвици достигнувајќи ги највисоките врвови во музичката и драмската уметност во светски рамки, рече директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Како што посочи, богатата историја на „Охридско лето“ е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена.
Дозволете денеска, кога се слави за нас најзначајниот ден на „Охридско лето“, роденденот на Фестивалот, да изразам огромна благодарност до сите оние кои придонеле за големината на оваа музичко-сценска манифестација. Со огромна почит, вечно ќе и благодариме на Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 година под сводовите на прекрасната Света Софија го означи раѓањето на најголемата културна манифестација во земјава и ни овозможи да ја славиме врвната уметност, да и се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Нејзиното име ќе го слават и бројни генерации после нас, додаде Поповиќ.
Селекторката на музичката фестивалска програма, Бисера Чадловска, изрази задоволство од досегашниот тек на фестивалското издание со исклучително квалитетни настапи на светски познати музички уметници, како и млади уметници кои се на прагот на создавање успешна кариера.
Секојдневно сме сведоци на концерти преполни со публика, чиј одзив и реакции не прават нас како организатор презадоволни од работата која сме ја сработиле…Особено сум среќна што од стручната музичка јавност во Македонија секојдневно добивам многу позитивни критики за годинешната програма. Сето ова само ќе не поттикне да се надминеме себеси следната година и зад себе да оставиме изданија на фестивалот за кои ќе се зборува уште долго, рече таа.
Нејзината колешка одговорна за драмската програма, Сања Арсовска, посочи на рекордниот интерес за понудените претставите, за кои рече дека се причина и публиката да доаѓа во Охрид само за таа цел што, според неа, е потврда на квалитетот и сериозноста во понудата на театарската фестивалска програма.
Таа очекува трендот на рекорден интерес и посетеност да продолжи и во втората половина на фестивалот, веќе в недела кога на програмата е премиерата на претставата „Едвард Втори” во продукција на Велешкиот театар. Следуваат настапите на Охридскиот народен театар и театарот од Прилеп, театарот од Љубљана како и Белградскиот градски театар, со чија претстава „Лагата” ќе биде заокружено годинешното фестивалско издание.
Наше е да им понудиме на публиката добра програма, нивно е да го посетат фестивалот „Охридско лето“ и да си заминат со силни импресии и убави спомени, рече Арсовска.
Што се однесува до вечерашниот концерт на Долни Сарај, станува збор за настап на една од најрелевантните претставнчки на тн. „нова генерација Фадо-уметници“. Верна на традиционалната основа на фадото, Жуана Амендоира со нејзиниот глас дава нов живот и нова смисла на таа специфична вокална форма.
Нејзините повеќе од 20 години искуство на сцената, десет издадени албуми, и претставување на фадо-музиката на некои од најголемите светски концертни подиуми ја прават Амендоира релевантен и уникатен претставник на фадо-традицијата на која таа и додава особено впечатлива енергија.
Жуана Амендоира е горда претставничка на суштинската традиција на Фадо, зачувувајќи ја неговата форма, но давајќи и специфична индивидуалност поради што денес таа се вбројува во ретките и препознатливи изведувачи на португалската национална песна.
Почетокот на концертот е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.