Europe House Skopje и Факултетот за ликовни уметности – Скопје, по повод Светскиот ден на уметноста, ве носат низ сокаците на Старата скопска чаршија, како низ галерија на уметности и занаети. Светскиот ден на уметноста го одбележуваме славејќи ја креативноста и генијалноста на локалните уметници и занаетчии.

Придружете ни се на прошетка низ дуќаните со стари традиции на изработување на шарен текстил, керамика, шапки и накит, а овој пат и придружени од уметничките дела на студентите од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Чаршијата како галерија е концепт на кој сакаме да му го вратиме стариот сјај на нераскинливото проткајување на занаетчиството и уметноста. Контрастот е препознатлив белег за Скопје, па во таквиот дух ќе ја извеземе прошетката низ занаетчиските дуќани со стари традиционални занаети и уметнички поставки на младата современа критичка мисла.

На 06.04.2023 година (Сули-ан), со почеток од 13 часот, чаршијата ги отвора вратите, поканувајќи ги посетителите да ја споделат нејзината магија и да го истражат чудото на традиционалните занаети и современиот уметнички израз од прва рака.

Изложбата ќе биде отворена до 12.04.2023 година.

По повод Светскиот ден на уметноста „Чаршијата галерија на занает и уметност“, денеска, 6 април 2023 (четврток) од 13 до 16 часот, Сули ан и занаетчиски дуќани.

Учесници студенти на ФЛУ: Стефан Јакимовски, Милена Петковска, Ивона Петрова, Евгенија Трајковска, Михаил Паскоски, Дамјан Јанкоски, Славчо Павлоски, Сергеј Калеников, Павел Николов, Габриела Живковска и Марија Јаќовска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.