Угледното списание за култура по петти пат објавува книжевен текст на македонскиот писател.

По претходниот, и во најновиот број 55/2022 на угледната ревија за култура „Енекен“, грчко списание за култура и општествени прашања кое се публикува во Солун, одново е објавна прозна творба на нашиот автор Томислав Османли. Станува збор за расказот „Лето, песок во косите“, инаку петта по ред книжевна содржина од македонскиот автор која ја објавува солунското списание. Расказот е летната повест, дел од циклусот од вкупно седум лирични прози насловен „Четири годишни времиња“, за прв пат објавен во прозната збирка „Приказни од Скопје“ што, во издание на скопска „Култура“, се појави во популарната едиција „Најчитаните“, во 2005 и одново во 2010 година.

Ревијата за култура „Енекен“ која се појавува сезонски, во новиот бр.55 за јануари-јуни 2022 година кој се појави деновиве, донесува голем број прозни, поетски текстови и книжевни осврти, како и студии, анализи текстови на општествени теми. Во него, покрај македонскиот, се застапени и автори од Грција, Русија, Кина, Франција и други култури.

Во претходниот број на грчкото списание македонскиот автор по четврти пат беше претствен со неговиот повеќекратно преведен и објавен расказ „Наредното евангелие“ тематски посветен на пандемијата во која нашиот автор препознава одглас на една, меѓусебно крајно оттуѓена цивилизација.

Новообјавениот расказ, пак, е љубовна проза за страстите на летото што живеат долго по одминување на најпосакуваното годишно, во зрелото животно доба. Ревијата „Енекен” до сега објавила и расказ и новела од прозната збирка „Светилка ѕа Ханука“, како и наградената песна „Љубов“ (” Έρως”, “L’amore”), за која Османли во 2018 стана и прв добитник на главната награда на меѓународниот конкурс „Анте Поповски-Angelo LaVechia” во Италија.

Инаку, расказот „Лето, песок во косите“ претходно беше објавен и на српски, а во 2011 година, во преводот на француски јазик од страна на проф. Жана Ангеловска, беше објавен во париското списание за литература и општествени теми „Siècle 21“ („Дваесет и први век“) во избор на прози од писатели од неколку балкански писатели, именуван „Renaissance des Balkans“ („Ренесанса на Балканот“). Преводот на расказот „Песок во косите“ на грчки јазик објавен деновиве во Солун, беше правен токму од спомнатиот превод на француски јазик. Него го реализира главниот уредник на списанието Јоргос Јанопулос, поет и прозаист, критичар, активист и издавач.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.