Управниот одбор на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) го распиша конкурсот за учество на овогодишното, 60-то фестивалско издание.
Пријавувањето на домашните и странските театарски групи, драмски секции, експериментални и алтернативни сцени, студија и други форми на самостојно сценско изразување трае до 5 април, по што ќе следува селекција и избор на учесниците.
Годинава ДАФ ќе се одржи од 22 до 27 мај, драмскиот материјал може да биде од домашни или странски автори, изборот е слободен и самостојно го определуваат учесниците кои творат во полето на драмскиот аматеризам во категориите: театар за деца и младинци, драмски аматеризам со елементи на традиционални, модерни, авангардни и експериментални сценски изразни средства и модели. Во претставите не можат да настапуваат професионални артисти вработени во театарските куќи во земјата и странство. Во пријавата за учество треба да се достави целосна видео снимка од претставата преку cloud платформите на интернет, заедно со текстот според кој е работена, на електронската пошта festivaldaf@gmail.com, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.
И годинава, според пропозициите на ДАФ, ќе се доделат осум награди: за најдобра женска епизодна улога, најдобра машка епизодна улога, најдобра женска главна улога,најдобра машка главна улога „Никола Димитров”, за најдобра режија „Борис Стојчев“, награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, гран при „Васил Ќортошев“ и специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци.
Во рамките на фестивалската програма ќе се одржат и придружни манифестации од областа на ликовната, музичката, книжевната и филмската уметност, како и театарски и книжевен портрет со театарска работилница за аматерски режисери, актери и драмски текстописци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.