Претставата „Ништо не е страшно“ во изведба на театарот „Пи“ од Скопје ја доби наградата „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава на 59. Драмски аматерски фестивал (ДАФ), што синоќа заврши во Кочани.

Во текот на шестдневната фестивалска програма годинава беа прикажани 12 театарски претстави, што ги изведоа девет домашни и три драмски ансамбли од Република Србија, а гранприто го понесоа актерите од Скопје.

Наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, како и гранприто „Васил Ќортошев“ се доделува за изведбата на драмскиот текст „Ништо не е страшно“ затоа што оваа претстава нè изненади, нè заинтересира и сите нè остави без здив. Таа понуди нови сценски решенија и експерименти што беа лесно приемчиви, а белегот којшто таа ни го остави е длабоко втиснат во сите нас. Стручното жири констатираше дека е направен напредок во развојот на театарскиот аматеризам и особено е задоволно од учеството на голем број млади ентузијасти. Богата и оригинална програма го одбележа ова јубилејно издание на фестивалот, истакна актерот Владимир Тулиев, претседател на жири комисијата на ДАФ.

Наградата за најдобра женска улога ја доби Зорица Митева од театарската група „Годо“ од Кочани, а за најдобар актер во машка конкуренција беше прогласен Никола Димевски од Театарот „Чекори“ од Скопје. Признанието за епизодна женска улога на фестивалот ѝ припадна на Ангела Атанасовска од Интимен театар – Битола, а Огнен Велевски од Алтернативен театар „Отпишани“ од Скопје доби награда за најдобра епизодна машка улога.

Специјалната награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци ја освои Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци за претставата „Приказни за волшебната шума“, а признанието „Борис Стојчев“ за најдобра режија му беше доделено на Цветин Аничиќ од аматерскиот театар „Бранислав Нушиќ“ од Шид, Република Србија.

Како придружни содржини на ДАФ, годинава имаше книжевна промоција, ликовна изложба, саем на книги, а се одржа и првиот Интернационален фестивал на музичка публицистика, чиј организатор беше Македонскиот музички архив. Како завршница на фестивалот, синоќа концерт одржа македонската рок легенда, групата Мизар.

Реализацијата на Драмскиот аматерски фестивал годинава беше со поддршка од Министерството за култура, Општина Кочани и бизнис секторот од регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.