Театарот е најжилава уметност. Имал свои подеми и падови, но секогаш успевал да се издигне, да се избори со лошите услови, со времињата, вакви или онакви, вели во разговор за „Република“ актерката Мими Таневска Србиновска.

Актерите Таневска Србиновска и Јордан Витанов се добитници на наградите за животно дело на 58. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодински“ Прилел одлучи Собранието на фестивалот, кој завршува в петок, на 14 јуни.

Таневска Србиновска е реномирана театарска, филмска и телевизиска актерка и професорка по актерска игра на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), која со својата посветена работа и професионален ангажман дава огромен придонес во развојот на македонската култура и образование речиси четири децении. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности, Скопје во 1984 година, а магистрирала на Институтот за македонски јазик и литература-културолошки студии во 2010 година.

По дипломирањето од 1985 до 1999 година е редовно вработена во Македонскиот народен театар во Скопје, каде одиграла значајни улоги од светската и од домашната драматургија високо вреднувани од критиката во земјата, како и надвор од неа. Освен во својата матична куќа таа како актерка- гостин играла и во претстави во повеќе театри во Македонија. Со нејзините претстави учествувала на многу театарски фестивали во Македонија како и надвор од државата „Стеријино позорје“ во Нови Сад, МЕСС во Сараево, Меѓународниот фестивал во Елбасан – Албанија, Светскиот театарски фестивал во Богота – Колумбија, „Боршникова сречања“ во Словенија, Меѓународниот театарски фестивал во Корча –Албанија, МТФ „Војдан Чернодрински“– Прилеп, „Охридско лето“ – Охрид итн..

Во 2000 година се вработува на Факултетот за драмски уметности, Скопје и ја започнува својата наставна и педагошка дејност со студентите по актерска игра. Во 2013 е избрана за раководител на Катедрата по актерска игра и сенатор.

Од 2015 до 2019 година е избрана за продекан за настава на УКИМ, Факултет за драмски уметности, Скопје. Од декември 2019 до декември 2022 ја извршува функцијата на декан на Факултет за драмски уметности, Скопје.

Што значат наградите за еден актер, посебно оние што се доделуваат за животно дело? Оваа награда, како што рековте и на отворањето на Фестивалот, за вас е е посебно драга, бидејќи доаѓа од театарџиите?

Таневска: Наградите кога се добиваат, секако дека значат, но тие треба што поскоро да се тргнат на страна, да се ужива во нив неколку денови, а потоа да се изместите од зоната на конфорот и да тргнете понатаму. Оваа награда за животно дело ја примив навистина со огромно задоволство, пред сè, затоа што таа доаѓа од страна на моите колеги, мојата фела, бранша, или како што би рекол Горан Стефановски, од моите театарџии. Особено ми е драго што наградата ја добивам токму на 58. издание на Фестивалот, на кое автор во фокусот е Горан Стефановски, кој зазема еден голем и значаен дел во мојата актерска биографија. Мојата генерација актерски растеше со неговите драми. Тој беше нашиот патоказ. Ние растевме со неговите приказни. Неговите приказни ги препознававме како наши, напишани од нашиот Горан… Тој така едноставно ги кажуваше и најсложените работи, ги сублимираше, влегуваше во самата срж на нештата. На доделувањето имав потреба да и се заблагодарам и на публиката, која сиве овие изминати години беше секогаш со мене и секогаш имав впечаток дека не играв за публиката, туку со публиката, т.е заедно со неа. Од тоа заедништво и размена на емоции се случиле некои прекрасни мигови на сцената за кои секој актер живее и за кои вреди човек да се занимава со оваа професија, која е неделива од животот.

Вие сте и двократна добитничка на наградата „Војдан Чернодински“ за најдобра женска улога.

Таневска: Секогаш се радувам кога ќе дојдам во Прилеп. Ми буди убави спомени на некои убави процеси што сум ги имала, работејки на претставите како гостин во Прилепскиот театар. Особено ми е драго кога ќе дојдам на фестивалот„ Војдан Чернодрински“ на кој многу пати сум настапувала, сум добивала награди, сум била селектор, жири итн. Оваа година сум добитник на наградата за животно дело. Пријатно ми е во Прилеп, иако веќе сме во жолта кон портокалова фаза на жештина. Фестивалот, како и сцената во Прилеп ги доживувам како свои. Всушност, секоја сцена ја доживував како своја. Повторно ќе го цитирам Горан Стефановски, секогаш треба да го цитираме. Тој има кажано дека каде и да оди, во кој било театар низ светот, тој се чувствува како дома. Како свој меѓу своите. Во Македонија сум играла на повеќе сцени, матична куќа ми беше МНТ, како студент започнав во Драмски театар, играв и во самостојни проекти, играв и во Куманово, Прилеп, Битола…и секогаш кога сум на сцена, се чувствувам како да сум дома, како да сум со своја театарска фамилија. Своја меѓу своите.

Мими Таневска Србиновска: Јас би рекла театарот е најжилава уметност

Ги имате поминато сите скалила, од детската радио драма, преку аматерскиот театар „Чекори“ , па дипломиравте на Факултетот за драмски уметности, бевте дел од ансамблот на МНТ, па професор по актерска игра, потоа и декан на ФДУ. Ретко кој актер може да се пофали со ваква кариера.

Таневска: Претпоставувам дека многу од актерите го поминале овој пат. Веројатно се раѓаме со љубовта кон актерството и театарот. Детска радио драма, аматерски друштва, драмски секции, некако ме привлекувало сето тоа. Актерството е порив, опсесија, зараза која не поминува. Еднаш штом стапнете на сцена, повеќе нема назад. Јас се запишав на Економски факултет, мислејќи дека ќе ми помине таа зараза, ама не поминуваше, туку траеше, живееше во мене. Тогаш сфатив дека актерството е зараза, но и лек во исто време, па се запишав на ФДУ. Ми се чини дека дури театарот да сака да се откаже од мене, јас никако да се ослободам од него. Тој е тука, секогаш бил и ќе биде тука негде длабоко во моето срце.Тој е во мене. Имав можност да играм и на филм и во телевизиски проекти, но јас дефинитивно сум театарски човек. Она што ме интересира е театарот и сцената и пред се процесот на работа, пробите. Премиерата е нешто сосема друго, но процесот на работа е нешто што мене ми причинува големо задоволство. За тој процес и со тој процес живеам. Актерството како професија е неделиво од животот. Просто е така. Затоа оваа професија е многу комплицирана и многу тешка. Бара цел човек. Во театар не може да бидете или да не бидете. Мора да бидете во вистинската смисла на зборот.Онаа прочуена хамлетовска реплика „Да се биде или не прашање е сега“, за актерите е прашање, но и одговор исто така.

Разговараме токму на денот посветен на Горан Стефановски, кој е автор во фокусот на 58. Издание на „Војдан Чернодрински“. Токму за улогата на Цвета во „Црна дупка“на Стефановски ја добивте „Стеријната награда“. Колку е важен и значаен влогот на Стефановски во македонскиот театар?

Таневска: Огромен и непроценлив и не само со своите генијални драми, туку и со своите размисли, би рекла, на ниво на филозофија. Во тие размислувања, во неговиот поглед на светот, тој беше далеку пред времето во кое живееше. Едноставно умееше со малку зборови да ја долови и да допре до суштината на нештата. Ги сублимираше работите. Влегуваше во сржта на нештата. Уште долго ќе го цитираме Горан Стефановски. Нашите претстави ќе бледеат со текот на времето, но неговите текстови ќе траат засекогаш. Инаку, режисер на претставата „Црна дупка“ беше Паоло Маџели со кого имав исклучителна соработка, а претставата беше во продукција на МНТ и тоа беше сјајна претстава со одлична актерска екипа. Процесот беше фантаситчен и драго ми е што „Стериината награда“ ја добив за улога во претстава работена по текст на Стефановски. Како и во сите негови драми, така и во „Црна дупка“ се беше едноставно кажано, но допрено до самата срж, како што само тој умееше.

Театарот е најживата уметност. Денес што му е потребно на македонскиот театар?

Таневска: Јас би рекла театарот е најжилава уметност. Театарот имал свои подеми и падови. Но, тој секогаш успевал да се издигне, да се избори со лошите услови, со времиња, вакви или онакви. Тој опстојува со векови. Мора да сфатиме дека ние сме минливи во театарот, а театарот е постојан и е над сите нас. Нашето постоење во театарот треба да се потрудиме што повеќе да го искористиме за негово унапредување. Играјќи сериозно, градејќи улоги, добри претстави. Театарот е жилава работа, не се дава. Ништо не може да го уништи и драго ми е поради тоа. Се зборува за некаков нов театар. Јас не знам кој е тој нов театар, Нема стар и нов театар, има само добар и лош театар. Што се однесува до новоста, единствено верувам во новите луѓе што ќе се бават со театар, новите идеи што ќе дојдат. Ние сме ја донеле нашата естетика, сега останува на младите генерации да понудат своја естетика да си ја пронајдат својата смила, да измислат свои правила и да го унапредуваат театарот постојано. А театарот треба да биде отворена врата за сите храбри, авангардни, креативни идеи. Отворена врата за секоја нова генерација на театарски создаватели, кои се должни да го надградуваат .Театарот е континуитет и мора постојано да се движи напред, не смее да има празен од. Театарот треба да биде доследен на својата цел:да ги отвора вистинските прашања, да коментира, да просветлува, да вознемирува, да возбудува, да открива, да го одбира и да оди по патот на вистината, да го покренува духот, да воспоставува систем на вистински вредности, да бранува, да раздвижува, да гради високи естетски критериуми, да провоцира, да го брани својот интегритет, да ги крши конвенциите…

„Промени се, промени се“, е мотото на годинашното издание на „Војдан Чернодрински“. Со оглед на вашата богата кариера и како актер и како професор, дали сметате дека сте го промениле театарот?

Таневска: Според критиката, според колегите, според публиката и наградите што сум ги добила, сметам дека како актерка преку своите улоги сум одела во насока на негово естетско унапредување. Еве, конечно и оваа награда ми говори дека сум одела во добра насока и дека сум била на вистинскиот пат. Како професор сметам дека образовниот процес е двонасочен т.е колку студентите учат од својот професор толку и професорот учи од нив. Учењето беше взаемно. Многу сум задоволна што низ таквиот образовен процес поминале пет генерации мои студенти. Од 2000 година до денес, од моите студенти излегле бројни актери кои успешно го водат репертоарот во македонските театри, играле значајни улоги во филмови од македонската и светската продукција, биле наградувани и високо вреднувани од публиката и критиката. На некои од нив сум многу горда. Покрај актерскиот занает секогаш се трудев да ги научам да имаат крајно професионално однесување во театарот, да имаат една крајна посветеност и одговорност кон својата професија и пред се да бидат добри луѓе, секогаш со добра мисла. Тоа е особено битно денес.

Вие лани се пензиониравте како професорка н ФДУ, но тоа не значи дека сте пензионирана актерка, можете уште да глумите. Колку е сцената во Македонија отворена за возрасните актери?

Таневска: Одамна немам настапувано во театар не заради тоа што не сакав, туку затоа што навистина беше невозможно. Професурата бара цел човек, актерството исто така и не можете да бидете на две места во исто време и двете работи да ги извршувате добро. Јас бев и продекан за настава четири години, а потоа и декан на ФДУ во еден мандат, така што, покрај редовните часови со студентите дополнително ми беа зголемени обврските кон ФДУ, и сето тоа да се организира дополнително со ангажман во театар беше навистина невозможно. Сега сум во пензија, но тоа како што и вие кажавте, не значи дека сум пензионирана актерка. Сметам дека за актерите не постои пензионирање. Актерите се актери до крајот на животот.

Може ли да се живее достоинствен живот во Македонија како актер? Се грижи ли оваа држава за своите великани?

Таневска: Сметам дека оваа држава треба повеќе да се грижи за културата воопшто т.е. за сите нејзини сегменти. Културата е нашиот репрезент и нашата препознатливост и видливост во светот, нашиот идентитет. И пак ќе го цитирам Горан Стефановски: „Идентитетот е приказна за тоа кои сме, зошто сме и што сакаме. За да можеме да преживееме во суровиот свет, оваа приказна мора да е точна….Погрешната приказна може скапо да не чини, да не одведе во заблуда, во ќорсокак, во смрт….Имаме насушна потреба да ја разбереме приказната за себе, да се огледаме, да се препознаеме, да се окуражиме…Но едно е јасно: ниедна култура не може да опсане без точна, снажна и автентична приказна! И не само тоа: Културата Е токму таа точна и снажна и автентична приказна.“

Што би им препорачале на денешните млади генерации, на вашите наследници?

Таневска: Да бидат свои, автентични, да донесат свој свет на сцената. Театарот бара оригиналност, автентичност, храброст. А од институциите очекувам широко да ги отворат вратите за младите и да им дадат шанса да покажат се што знаат и умеат. И да ги поддржат во тоа. Да знаат во животот ( актерската професија е неделива од животот) да се носат како со неуспехот така и со успехот . Особено треба да знаат како да се носат со успехот. Токму денешните млади генерации се тие што треба да донесат нови правила, нова енергија, нова естетика, да најдат нова смисла. Да бидат пред се личности со став и во секоја улога убедливи, поинакви, неповторливи.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.