Во годината во која се одбележува 75 години постоење, Националната галерија ја објави годишната програма за 2023.

Почитувани љубители на уметноста, дозволете најнапред да Ви се заблагодариме за целата поддршка во изминатата 2022 година. Вашето присуство и ангажман ја препозна изминатата година како една од најуспешните години досега по обем и квалитет. Во оваа прилика, плодна културна програма најавуваме за 2023 година.

Најнапред, во годината во која одбележуваме 75 години постоење, Националната галерија изразува благодарност до Министерството за култура на Република Македонија за поддршката и укажаната доверба на Годишната програма во специфични социјално-економски услови, на локално и глобално ниво, соопшти д-р Дита Старова Ќерими, директор и тимот на Национална галерија.

Месец март традиционално по шести пат, на календарот донесува тематска изложба по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. И повторно жената, со сета своја убавина во фокусотот на темата која овој пат го допира најисконскиот биолошки наратив, мајчинството. Оваа тематска изложба е со посвета на понежниот пол и испраќа честитка до сите жени. Изложбата е насловена  „Мајчинство” – дела од колекцијата на Националната галерија и  ќе биде поставена во просторот на Чифте амам на 7 март. Прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата мајка и мајка со дете. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата збирка на Националната галерија. Изложбата брои околу четириесеттина дела –  цртежи, слики, икони, скулптури, таписерии, фотографии на плотер принт. Застапени се нашите  автори од првите генерации: Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски и автори од Југословенската колекција како: Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др.

 

30 март 2023 е термин за проектот Landscape Experiences на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, претставници на минатогодишното 59. Венециско биенале. Претставувањето ќе биде во Чифте амам.

Станува збор за мултимедијален проект кој во себе вклучува видео инсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, здраво-отровно се присутни и во досегашните истражувања на уметниците, а во проектот Landscape Experience“ уште повеќе се продлабочуваат. Покрај „трансформираните пејзажни паноптикуми“ проектот се занимава и со телото – човекот како симбол на моќ, но и на фрагилна и лесно совладлива сила, како и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата кои влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во еко системот.

 

Меѓународните здруженија интензивираат тековни национални напори за промовирање на свеста за аутизмот и уверување дека сите погодени од аутизам се способни да постигнат највисок можен квалитет на живот. И овој април, месец на прифаќање на аутизмот, продолжуваме со нашите напори да ја шириме свеста, да промовираме прифаќање и да ги направиме промените, традиционално одбележувајки го Меѓународниот ден за подигање на свеста во битката со аутизмот преку креативни еколошки работилници. Едуцираме, мотивираме и поттикнуваме децата да ја ценат природата, еколошко – разумно дејствување и разбирање на придобивките, заштита на природните живеалишта и зачувување за идните генерации.
Пред екранот на дигиталните направи, нуркањето во виртуелен свет на илузија, го крие ризикот од отуѓување од природата. Оттаму, ги учиме од најмлада возраст да се разберат себе си како дел од природата и да ја препознаат потребата да бидат дел од неа. Работилниците ќе бидат инклузивни. Покрај деца со аутистичен спектар на нарушувања ќе бидат вклучени и деца од редовна настава.

 

Златна мрачнина, смостојна изложба на ликовниот уметник од Косово, Ешреф Ќалили, исто така ќе се реализира во април 2023, во Мултимедијалниот центар Мала станица, а отворањето на календарот на настани е планирано за 20 април 2023.

Со претставувањето на Ќалили продолжуваме со добрата културна соработка со соседните земји. Изложбата ќе содржи слики од најновиот циклус во техника масло на платно. Претставувањето на овој автор во Националната галерија е од особено значење заради фактот дека неговиот творечки опус е исклучително обемен. Добитник е на бројни награди и признанија како „Златен Глобус“ во Националниот музеј во Приштина (Косово), 2012 г. Учесник е на многу симпозиуми, во Италија, Турција, Албанија, Србија, Кипар. Дипломирал на Ликовната академија во Приштина  1993 г. а магистрирал во 1997 г., отсек сликарство.

 

Во Даут пашиниот амам, од 10 мај 2023 па се до крајот на август целото внимание ќе го посветиме на Ликовното творештво на Анета Светиева

Во текот на 2022 година се реализира дел од проектот со работен наслов „Ликовното творештво на Анета Светиева“, односно беше испечатена монографијата посветена на Анета Светиева. Во текот на 2023 година заедно со промоцијата на монографското издание ќе се реализира и вториот дел од проектот изложба на Анета Светиева, која ќе опфати избор на дела од нејзиното творештво. Светиева е еден од авторите кои оставија силен печат во развојот на современата македонска скулптура со својот карактеристичен стилски израз во кој се евидентни антрополошките и етнолошки влијанија базирани на нејзините сознанија и истражувања како професор на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Во творештвото на Светиева, светот на чудесното и фантастичното, како една од димензиите на надреалното, заемно испреплетени и тешко разделиви, наоѓаат свој одраз во нејзините карактеристични фантастични етнолошко-митолошки композиции (на скулптури, од метал, теракота и картон), единствени со својата форма и колорит. Тоа се, пред сѐетнолошкомитолошкикомпозициивокоидоминирафигурата на која авторот ѝ ја „доверил одговорноста да ги претставува историјата и меморијата“Нејзините фигури во форма на мутанти ја имаат својата појавност во некој непознат и мистериозен за наспред сѐличен имагинативен свет што ѝ припаѓа само на фантазијата на уметникот. Но, како што забележува Викторија Васева-Димеска, ако добро погледнеме, тие сами по себе разоткриваат и своевидна вознемирувачка претстава која е плод на една колективна меморија, заснована на „антрополошките и митски константи на раната балканска и медитеранска фигуративна уметност“.   

Во месецот на младите, мај 2023, на програмата е 14. Младински пролетен ликовен салонТема за четиринаесетото издание е Мртва природа, претставува проект од едукативниот сегмент, републичка изложба на средни училишта и факултети која ќе биде отворена на 12 мај 2023 во Мала станица.

Исто така во мај 2023 по трет пат ќе се реализира Музејска едукативна наградна игра „Лавиринт на уметноста 3“ во Даут пашин амам на тема: Постојаната поставка на Националната галерија. Низ лавиринтот младите ќе истражуваат во текот на цел април и половина од месец мај, а наградите ќе бидат доделенина Меѓународниот ден на музеите,18 мај 2023.

На 25 мај 2023, во Мала станица ќе биде поставена и отворена изложбата со наслов Бенетон Геометрик, како самостојно претставување на Васко Гаговиќ курирано од виш кустос Маја Крстевска.

Во моментов, за месец мај го договараме проектот „Одржливост, изложба од колекцијата на Националната галерија на Косово (реципрочна изложба). Националната галерија на Косово има богата колекција на ликовни дела од најзначајните модерни, постмодерни и современи косовски уметници. Еден пресек на најзначајните остварувања од оваа колекција да се претстави во Националната галерија на Македонија би значел многу во контекст на запознавање со историјата и континуитетот на уметноста на Косово во минатиот и почетокот на овој век. Со една ваква изложба ќе можеме да направиме споредба на развојот на уметноста во овие соседни земји, влијанија, спојувања и разидувања.

 

Во летниот период ја збогатуваме културната понуда во градот со претставување на Ретроспективната изложба на Владимир Темков во Чифте амам, започнувајки од 22 јуни 2023. На изложбата е предвидено да се изложат сите фази од творештвото на Владимир Темков каде во засебни простории концепциски ќе се претстави творештвото од завршувањето на ФЛУ и почетоците на неговата активност се до рецентните негови дела создадени во денешнината.

Роден 1959 година, Владимир Темков завршил Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности, отсек графика, а од 2001 година е член на ДЛУМ. Автор е на над 60 самостојни изложби во земјава и во странство, учесник на бројни групни постановки и колонии и од 1996 организатор на Меѓународната ликовна колонија во Кавадарци. За своето творештво уметникот е добитник на повеќе награди и признанија.


На крајот од летото, на 31 август 2023 ќе се претстави Димитрие Дурацовски со самостојна изложба

Димитрие Дурацовски е необична појава во современата македонска уметност, тој е осамен но интелектуално љубопитен творец кој живее и работи во Струга. Во стремежот да формира целосна визија за светот тој ги користи изразните средства и можности на сликарството, цртежот и пишаниот збор. Меѓутоа мислата е првата и внатрешно осмислувачка содржина на неговите дела, која на некој начин ги дообликува ликовните визии во нашата свест. Основната тема ја наоѓа во свртеноста и испитувањето на таинствените простори на човечкиот дух, каде неретко се допираат или бришат границите помеѓу реалното и фантастичното, можното и неможното, рациото и ирациото… Тој е обземен од идејата за создавање на нео-медијала во Македонија.

Куратор, Горанчо Ѓорѓиевски, кустос



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.