Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Штип, при работната посета на институциите од областа на културата заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, истакна дека градот под Исарот покажува успешно работење во културата и негувањето на автентичните културни вредности. Министерството за култура ќе продолжи да вложува во културата во Штип, да создава услови и поволна клима за нејзин развој.
Во Штип годинава, за функционирањето на трите национални установи (Центар за култура, Завод и музеј и Универзитетска библиотека) се издвоени над 78 милиони денари, додека за програмските содржини се вложени повеќе од осум милиони денари – изјави министерката при посетата на Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека сите проекти што се предвидени во програмите на националните установи во Штип се реализираат тековно, а, како што рече, од огромна важност е што се реализираат проекти и инвестиции со сопствени средства, со што се демонстрира домаќинско работење и менаџерски однос во културата.
Министерството за култура вложува во библиотечната дејност и за оваа установа годинава се обезбедени речиси 18 милиони денари, од кои над милион денари за програмски активости.
Штипската библиотека прави големи напори за доближување на книгата до домот на секој корисник преку подвижната библиотека „Инфобус“ и преку активностите наменети за лицата со посебни потреби – истакна Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека библиотечната дејност во овој град успешно се унапредува преку многубројни проекти, како и преку настаните со кои се одбележа 100-годишнината од раѓањето на нашиот поетски великан, Ацо Шопов, кој е роден токму во Штип.
Министерката за култура го поздрави и успешното функционирање на првата регионална канцеларија „МладиХаб“ во Штип, која се наоѓа во објектот на Центарот за култура.
Костадиновска-Стојчевска се осврна и на заштитата на нашето археолошко, архивско, архитектонско богатство градено со векови, за кое рече дека континуирано е поддржано од Министерството за култура.
Го саниравме Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип, искучително значајно дело од архитектот Богдан Богдановиќ, еден од најпознатите архитекти на дваесеттиот век – рече Костадиновска-Стојчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.