Книгата „Неправилен ритам“/Приказни од современата македонска музичка сцена ќе биде промовирана вечерва во 18.30 часот во киното „Фросина“ во Скопје, во рамките на прославата на петте децении Младински културен центар (МКЦ). „Неправилен ритам“ е книга што директно ја коментира современата музика, современата жанровска музика (од класика до џез – можеби најширокиот музички дијапазон), современите музичари и нивните искуства, вели проф. д-р Ана Стојаноска.

– Оваа книга, иако делува како место за чување на историјата е одлична база за чување на сето она што во денешен контекст значи современа музичка култура и како таква треба да ни биде дел од нашето секојдневно културно и уметничко доживување. Во распон од повеќе од 30 години, Јолевски ги зачувал интервјуата со денес култните бендови и музичари од Анастасија, Ритмистика, Бернајс Пропаганда, Суперхикс, Добрила Грашеска, Тони Китановски, Влатко Стефановски, Горан Трајкоски, Бодан Арсовски, Џиван Гаспарјан,…, создавајќи своевидна меморабилија или мапа на сеќавањето или документ за музичката историја. Сите тие интервјуа и текстови се дел од едно време што повеќе го нема, сите тие автори се дел и од тоа време, но и денес, сведочејќи го современиот однос кон музиката, концертите, фестивалите и продукцијата – вели Ана Стојаноска, писателка, театролог, професорка.

Велат за да бидеш добар новинар, треба да го имаш оној „новинарски нерв“. Навистина се ретки луѓето, барем од она што можеме да го видиме околу нас и овде, кои толку посветено и приоѓаат на својата работа, како што тоа е случај со мојот почитуван колега Љупчо Јолевски. И оваа негова книга не е случајна. Таа е уште еден показател дека не минува кај него туку така, она, за коешто Бог го предодредил, пишува Тина Иванова.

-Познавачите на неговите дела, неговите пријатели и познаници, знаат дека Љупчо Јолевски е страстен љубител на музиката сиот свој живот, човек кој не пропушта музички настан и не само на овие простори, туку и пошироко. Пасиониран колекционер на носачи на звук, на музичка литература, на севкупна музичка уметност воопшто… Неговите интервјуа, музичките рецензии, сеедно всушност за која форма на писание станува збор, не се обични. Тие се лупа низ која се согледува животот на уметникот така детално, микроскопски, што во тој кус светоглед раскажан низ неколку реда, откривате цело пространство од креации, идеи, љубов, живот. Тоа, е најсилната алатка на Љупчо Јолевски, неговата моќна карта со која вешто умее да „игра“. Да дознаете, да спознаете, да верувате, да се едуцирате, и да се забавувате во истовреме. Бидејќи, на крајот, приказните се раскажуваат преку луѓето – вели Иванова.

Книгите на Љупчо Јолевски се текстуални винили. Документаристички раритет. Искра светлина од мрачните лавиринти на македонското копи-пејст новинарство. Навезани вистини за едни времиња, гледани од горе, од високо, а срочени лесно, чиниш, како со пердув, посочува Дејан Трајкоски.

-„Неправилен ритам“ содржи интервјуа, рецензии, осврти… Поделена е на 5 поглавја. Рокенрол минато, понови бендови, па осврти врзани за џезот, но и класична музика. Тука се и текстови на големи концерти – Иги Поп, Леонард Коен, Боб Дилан, Клептон…, и за луѓе кои се дел од сцената како документаристи како Жига Коритник, Татјана Ранташа… Или, повеќе од дваесет години историја на повеќе од 500 страници! Во нашиот медиумски контекст, Јолевски е учителот. Се разбира, воопшто не е претерано да се каже така. Всушност, неправедно е да не се каже така. Затоа што на прстите од една рака се бројат луѓето со повеќедецениски стаж коишто со елан на младич пишуваат за состојбите во културата, а со таква силна наобразба. Доказ за тоа е тоа што, барем во музиката, нема новинар којшто подобро ја знае не само џез музиката, туку и музиката на светот, домашната андерграунд музика…, и кој во исто време бил активен сведок на цела една повеќе од четири децениска музичка, но и културна историја. Или, кажано со поедноставни зборови, доколку Јолевски живееше во друго поднебје, сега, без сомнение, ќе ги пишуваше овластените монографии за Боуви, Колман – вели Трајкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.