На 25 март ќе се одржи концерт под наслов „Диши љубов”, концерт на кој ќе бидат изведени песни чиј автор на музиката, како и на аранжманите е Џијан Емин, веќе добро познато име за музичката култура. Автор на текстовите на песните и на расказот којшто ќе биде наратив на настанот, сум јас. Со нетрпение го чекаме овој мултимедијален проект, кој настана пред две години, но не се одржа поради пандемијата. Станува збор за љубовен концерт, со меланхолична содржина, дури темна и трагична, музика која ја опејува љубовта во сите нејзини лица, вели Иванова.

Тина Иванова е родена во 1976 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот по музикологија во класата на проф. Сотир Голабовски. Петнаесет години беше дел од културната рубрика на „Утрински весник“ од неговото формирање (1999), најпрвин како новинар и музички критичар во културната рубрика, а од 2007 до 2012 година и како нејзин уредник. Пред тоа работеше во Македонското радио на Првата програма во редакцијата за сериозна музика, потоа во Музичкото радио Канал 103 како музички соработник и во Македонската информативна агенција. Во Утрински весник ревносно и континуирано ги следеше состојбите на музичката култура во Македонија преку бројни рецензии, интервјуа, проблемски текстови. Во Македонска филхармонија работи од 2014 година како продуцент, а во моментов е на функцијата в.д. директор. Досега има објавувано текстови во повеќе македонски списанија за култура, а во последно време и на веб-страницата на Центарот за музикологија, здружение на кое се јавува како еден од основачите. Член е на Сојузот на композиторите на Македонија. Автор е на книгата „Документ 103“ која претставува публицистички труд за музичкото радио Канал 103 издадена во 2011 година од самата авторка и напишана по повод две децении од постоењето на радиото кое во европски, па и во светски рамки, се смета за раритет поради неговата програмска концепција. За книгата „Документ 103“, Иванова ја доби престижната државна награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 2012 година, награда која за прв пат му се додели на музиколог, односно на новинар од областа на музичката сфера. Добитничка е и на наградата „Урбан“ за промовирање на урбаната култура, награда на Институтот „Урбан“. Тина Иванова е автор и на романот „Кругови“, чиј издавач е издавачката куќа „Или-Или“ (2013). Автор е и на монографскиот труд „Михајло Николовски-нашиот Папа Франк“ по повод 80 години од раѓањето на истакнатиот македонски композитор и педагог, за која ја доби престижната награда „Панче Пешев“ од Сојузот на композиторите на Македонија. Се јавува како ко-автор на монографијата „70 години Македонска филхармонија“, напишана по повод 70 години од постоењето на најстарата македонска национална институција. Ко-автор е и на електронската книга „Седум мали портрети на седум големи композитори“ (2015). Изминативе шест години, Иванова во Филхармонија се јавува како продуцент на многубројни концерти, меѓу нив и симфониски концерти за деца и концерти со популарна содржина. Активно пишува текстови за песни, раскази, сценарија за детски концерти, и е активно вклучена во изборот на музичките програми на Филхармонија, како и на проекти надвор од институцијата. Како музиколог, таа е и еден од авторите на Филхармониски весник, кој почна да се објавува во 2019 година.
Со Иванова разговаравме за проектите и предизвиците во новата сезона, активностите во време на пандемија и нејзиното влијание, Филхармонија како огледало на општествените прилики и неприлики, гостувањата, концертите за деца…

Филхармонија активно работи изминативе две години додека светот е зафатен со пандемија од Ковид-19 и беше отежнато функционирањето буквално на се. Деновиве публиката сведочеше на магичната прва изведба на „Реквием за мојот пријател“ на еден од водечките композитори на филмска музика Збигњев Прајснер. Какво е чувството после еден ваков голем музички настан?

Да, навистина е отежнато да се работи во вакви услови. Но, не ни е само нам тешко, не сме сами во маката, како што и не сме сами во среќата, иако не е секоја среќа или тага иста за секого. Нам ни е тешко и од аспект на неизвесност, не знаеме до последен момент дали ќе се одржи концертот, дали ќе пристигнат планираните гости итн. Конкретно за „Реквием за мојот пријател“ требаше да дојде машки сопран од Кина, еден навистина необичен и атрактивен вокал, но за жал, не успеа поради Короната. Негова замена беше сопранот Катерина Стојановска која навистина одлично ја претстави својата улога и сакам јавно да и се заблагодарам што прифати во последен момент да учествува во реализацијата на ова дело. Всушност, јавно им се заблагодарувам на сите учесници на овој настан кои беа беспрекорни – оркестарот се разбира со сите свои суптилности кои ова дело ги бара, Билјана Јосифов – сопран, Бојан Булатовиќ од Србија – контратенор, Ѓорѓи Цуцковски – тенор, Александар Стефаноски кој живее во Германија – бас и гостите Золтан Борбељ од Србија – оргуљи и Каролина Бетер од Германија – соло блок флејта. Хорот „Про Арс“ под водство на маестро Сашо Татарчевски звучеше маестрално.Чест гостин ни е во последно време, бидејќи програмата е така конципирана, и веќе го чувствуваме како наш. Се надевам ќе продолжиме заедно да креираме уште многу прекрасни дела. Најголемата заслуга сепак, за овој концерт ја имаше врвниот маестро Емил Табаков, диригентот кој веќе сите го познаваат од неговите чести настапи со Филхармонија. Добро го познава оркестарот и умее да направи магија, да го извлече од него најдоброто. Мене се уште ми трепери срцето од возбуда за овој концерт. Реакциите на публиката го покажаа истото. Првпат кај нас прозвуче дело на, според мене, еден од најголемите композитори во светот, познат по филмската музика наменета за делата на врвниот Кишловски. Автор кој во „Реквием за мојот пријател“, посветен токму на филмскиот режисер и блиското пријателство со него, ја внел сета своја креативна моќ. Со трагичен наратив, ама во сржта неописива среќа. Се слуша фасцинантна комбинација од звучни бои кои зборуваат со јазикот на животот, ама и со јазикот на смртта. Плач за оние кои ги губиме, но радост за тоа што тие биле со нас, за тоа што сме можеле да бидеме во нивна близина. Молитва, тишина, возвишеност, звуци на благосостојба, но и на вознемирувачка перцепција за нашето битисување. Моја желба беше ова дело одамна да прозвучи на нашата сцена, но ете, сега дошло времето за тоа. Се надевам дека ќе реализираме уште многу вакви грандиозни творби, а за волја на вистината ги има многу, затоа што тие не само што ќе ни го разубават животот, туку ќе не натераат и понатаму да истражуваме, да се едуцираме, да размислуваме малку поинаку, да се тргнеме од приземноста, од баналноста, од површноста. Има навистина толку многу уметност, толку многу музика на овој свет, и штета би било да не бидеме ние сведоци на изведбите на делата на големите умови и на денешницата.

Кое е следното изненадување?

Секој концерт на Македонската филхармонија е изненадување. Затоа што, не станува збор само за тоа што е ставено во програмата таа вечер, кое дело ќе прозвучи и кои солисти и диригенти ќе настапат, туку би требало да трагаме по милион моменти во самата поставеност на делото и неговата изведба, кои за нас би можеле да бидат неочекувани, да не изненадат, да не воодушеват или да не разочараат. Ако умееме да слушаме, се разбира. Затоа е важна едукацијата. Музиката е бескраен, безграничен простор, полн со изненадувања. Следен концерт, кој ќе се случи овој четврток, е „Моќта на класиката“, каде како солист ќе настапи нашата Маја Чанаќевиќ на англиски рог и кога заедно со маестро Конрад ван Алфен од Холандија, нашиот почесен гостин диригент, ќе бидат премиерно изведени дела од Рејха и Фиала, како и Петтата симфонија од маѓепсникот Лудвиг ван Бетовен. Повторно интерсно звучно соединување. Следниот концерт, кој ќе се случи на 11 март во големата сала, е настапот на извонредните „Баланеску квартет“ кој исто така со нетрпение го очекуваме. И ова е настан кој не смее да се пропушти, бидејќи станува збор за еден од најдобрите квартети на сите времиња. На 17 март е концертот „Сеќавање на Б.Б.“, кога повторно ќе слушаме премиерни композиции – Концерт за флејта и оркестар од современата романска композиторка Дојна Ротару и светската премиера на Концертот за алт-флејта и гудачи од финскиот композитор Калеви Ахо. И двајцата, на наша среќа, а верувам на радост и на љубителите на музиката, ќе гостуваат во Скопје, кога ќе имаат и посебна средба со публиката. Концертот ќе го диригира нашиот шеф-диригент, маестро Габриел Бебешелеа, со кого досега остваривме незаборавни музички настани, полни со звучни изненадувања…

Дали се планирани гостувања на Македонската филхармонија со оглед на неизвесноста што ја донесе пандемијата?

Да, планираме да гостуваме во Белград, некаде кон крајот на ноември или почетокот на декември. Белградска филхармонија требаше да гостува кај нас, но како што рековте, не беше изводливо во ваква ситуација. Желбите се тука, постојат, но не можат секогаш да се остварат.

Ќе продолжите ли со концертите за деца, со оглед на фактот дека едукацијата на најмладата публика е мошне важна?

Секако, тоа е една од најважните наши задачи. Во декември одржавме фантастичен концерт за деца „Филхармонија патува во вселената“ со извонредна визуелизација кој ќе го репризираме во април. Имавме и концерт за млада публика над 11 години насловен „Ритамот во себе“, со кој се приклучивме во борбата против загадувањето. Без едукативен пристап во оваа сфера кај младите, нема да опстојат нашите институции во иднина. Ние сме културна, ама и образовна установа и тоа секогаш треба да го имаме во предвид. Мораме да внимаваме на нашата идна публика, мораме да знаеме каде и како ја насочуваме.

Што не научи пандемијата? Какви поуки извлековте Вие како институција? Беше ли тешко да се работи?

Мислев дека пандемијата ќе не научи да се свртиме, или да се вратиме, кон вистинските човечки вредности кои се загубија. За жал, се случи обратно, како да ги засили злобата, себичноста, суетите, жедта за позиција по секоја цена, за моќ дури и во најмалите сегменти во општеството. Филхармонија, како и сите институции, е огледало на општествените прилики и неприлики. Иако треба да се фокусираме на убавото, а тоа е уметноста, да уживаме во секој ден, во секој миг со музика и се што таа може да ни понуди, ние се бавиме со ниски страсти. Нема поубава работа од нашата, и затоа не смееме да дозволиме да не одвлече лицемерието во погрешна насока. Се исплатеше нашиот труд да работиме и во најголемата криза на ова што ни се случи, да креираме нешто поинакво од секојдневието. Тешко беше навистина, ама кога ќе размислам колку им е тешко на луѓето од медицината, на луѓето кои не знаат како ќе го преживеат денот без леб, на луѓето кои плачат да си ги вработат своите деца, на луѓето со неизлечиви болести, како би можеле да кажеме ние дека ни е тешко? Тоа е апсурд. Би било крајно себично.

Присуствувавте на отворањето на новата концертна сала на претседателскиот симфониски оркестар во Анкара, Турција. Можна ли е некој вид соработка или гостување во Турција?

Да, впрочем поканата се случи токму поради тоа, размена на камерни и симфониски оркестри. Но, да не се повторувам, ако дојдат подобри времиња, реално би било гостување во новата и навистина прекрасна сала во Анкара.

Традиционалниот настап на Филхармонија во Градскиот парк на отворено е омилениот настан на скопјани. Што подготвувате за оваа година?

Имаме неколку идеи за концерт во Градскиот парк. Ќе видиме која од нив ќе се реализира. Во моментов во преговори сме за едно навистина возбудливо име, но не можам да најавам ништо однапред. Да, и ние со нетрпение ги чекаме концертите на отворено. Тие носат сосема поинаква енергија и радост.

Ти си и писателка, а се јавуваш и како автор на текстови на песни и раскази. Што има ново на овој план, надвор од обврските од Филхармонија?

Има! Иако е повторно поврзано со Филхармонија, на некој начин. На 25 март ќе се одржи концерт под наслов „Диши љубов”, концерт на кој ќе бидат изведени песни чиј автор на музиката, како и на аранжманите е Џијан Емин, веќе добро познато име за музичката култура. Автор на текстовите на песните и на расказот којшто ќе биде наратив на настанот, сум јас. Со нетрпение го чекаме овој мултимедијален проект, кој настана пред две години, но не се одржа поради пандемијата. Станува збор за љубовен концерт, со меланхолична содржина, дури темна и трагична, музика која ја опејува љубовта во сите нејзини лица.

Фото: Маја Аргакиева



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.