По пауза од повеќе од две години Македонскиот народен театар (МНТ) ја враќа на редовниот репертоар претставата „Животот е прекрасен“ од авторот Николај Ердман, во режија на светски познатиот Александар Морфов. Претставата се играше на 29 декември, на големата сцена на МНТ, а потоа во јануари на 24 и 25.

Поради пандемијата со ковид-19 националниот театар престана да ја изведува во март 2020 година. Тогаш се затворија сите национални установи на културата. Кога театарите повторно почна да ги отвораат вратите за публиката, се работеа монодрами или пак претстави со помали екипи.

„Животот е прекрасен“ премиерно беше изведена на 10 април 2016 година и имаше одличен одѕив кај публиката. Имаше и многу награди меѓу кои за најдобра претстава, а Николина Кујача и Никола Ристановски се најдобри актери на фестивалот „Денови на сатира“ во Загреб.

„Животот е прекрасен“ не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туку за еден човек кој повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен. Еден човек кој доаѓа до пеколот, за да разбере, всушност, дека животот е нешто многу драгоцено.

Актерската екипа во претставата ја сочинуваат: Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Благој Веселинов, Александар Ѓорѓиевски, Александар Михајловски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова, Анастазиа Христовска и оркестарот „Раскрши се“.

На визуелниот дел на претставата работеа уметници меѓу кои: Никола Тороманов – сценограф, Марија Пупучевска – костимограф и Инга Красовска – кореограф.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.