На 1, 2 и 3 март ве чекаме на Куп Скопје 2024 – Изложба на макети, диорами и минијатури. Потоа дојдете да ја проследите изложбата snapshots, изложба на фотографии на Иво Дамјановски на 8 март. На 21 март ќе го прославиме интернационалниот ден на пролета со ОМАЖ ЗА ПЕТРЕ М.АНДРЕЕВСКИ – Расветлување на неговиот животопис и творечки опус. Mесецот ќе го завршиме со „ЛИЛИТ“, танцов перформанс на актерката Јасмина Билаловиќ кој ќе се одржи на 29 март во 20 часот.
Во рамките на проектот „Артс Хаб“ свои работилници во просториите на КСП Центар Јадро ќе имаат проектите:
„Одржливи заедници / Sustainable communities“
Автор – Никола Узуновски
Во рамки на програмата на КСП Центар Јадро, во период од 6ти март до 31ви мaj 2024 година, ќе се одржи работилница за современа уметност која ги опфаќа темите на екологија, климатски промени и одржлив развој водена од уметникот Никола Узуновски.
„Вештини за ожививање / Resurgence.juicy“
Автор – Клелија Живковиќ
Тримесечната работилница во склоп на проектот „Вештини за оживување“, е дел од програмата на КСП Центар Јадро и овој месец. Проектот се обидува да се даде одговор на современото прашање: „Дека постои поубав и пожив свет кој можеме да го создадеме?“
“РИТУАЛОТ ВО СОВРЕМЕНОТО ОПШТЕСТВО – имерсивен, мултидисциплинарен перформанс”
Во периодот од 22ри до 28ми март , Здружението на уметници „Културен центар Медиа Артес“ ќе одржи работилница во рамки на нивниот проект “РИТУАЛОТ ВО СОВРЕМЕНОТО ОПШТЕСТВО-имерсивен, мултидисциплинарен перформанс”.
snapshots
Изложба на фотографии на Иво Дамјановски
8 март (петок) | 19.00 часот
„snapshots“, е прва изложба на фотографии на филм и прослава на преминување 5 години зад објективот на Иво Дамјановски.
Секоја фотографија е доказ за наоѓање убавина во неочекуваното и тивките приказни кои траат во невиденото. Позајмувајќи го описот на Зарковски за истоименото фотографско движење, „snapshots“ е мој обид „не да го реформирам [секојдневниот] живот, туку да го спознаам“, вели Иво.
„snapshots“ е покана за пауза, рефлексија и размислување за (не толку обичните) обични пејсажи, напуштените излози и останатите глетки што нé опкружуваат.
Изложбата се отвора на 8-ви март во 19ч и трае до 15-ти март, отворена во работни дениви, од 10 до 16 часот.
ОМАЖ ЗА ПЕТРЕ М.АНДРЕЕВСКИ – Расветлување на неговиот животопис и творечки опус
За Денот на поезијата – 21 март, Општина Центар-Скопје ќе реализира проект посветен на пишаниот збор и ќе му го посвети на Петре М. Андреевски.
Оваа година се навршуваат 90 години од неговото раѓање и во негова чест во рамките на проектот ќе биде презентиран видео-запис што ќе го потенцира големото значење и трајната вредност на делото на Петре М. Андреевски, а присутните гости ќе имаат можност и да се потсетат на дел од неговиот творечки опус.
„ЛИЛИТ“, танцов перформанс
на актерката Јасмина Билаловиќ
29 март (петок) | 20.00 часот
Лилит“ е првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“, соработка помеѓу Алесандро Ола, Јасмина Билаловиќ и Јелена Вуксановиќ.
Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето.
Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски, како во театарската работа (со професионални актери), така и во паратеатарската работа во која Гротовски и неговите соработници тежнеат да пресечат со ексклузивноста на театарските истражувања и да ги отворат за нови групи учесници од различни професии и позадини.
Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишнен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding).
Звучење (Sounding) е наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор; поконкретно, sounding значи да се прозвучат длабочините на сликите во енергетските центри на човечкото тело и да се истражуваат архетипските длабочини на мистериозното несвесно.
Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремента од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина.
По текстови на Ришард Ниечим
Драматургија и режија: Јелена Вуксановиќ
Асистент: Симона Димковска
Игра: Јасмина Билаловиќ
Композитори: Алесандро Ола, Маја Стајнберг
сценографија: Мартин Манев
костими: Павел Маслов
АРТС ХАБ Работилница
„Одржливи заедници / Sustainable communities“
Автор – Никола Узуновски
Во рамки на програмата Артс Хаб, на КСП Центар Јадро, во период од 6ти март до 31ви мaj 2024 година, ќе се одржи работилница за современа уметност која ги опфаќа темите на екологија, климатски промени и одржлив развој водена од уметникот Никола Узуновски.
Работилницата е наменета за студентите од факултетите за уметност, дизајн и архитектура, но е отворена за сите оние кои се заинтересирани да партиципираат.
Работилницата e поделена на 3 дела, еден теоретски и два практични, (едниот од практичните ќе се одржи на Преспанското езеро)
Во склоп на првиот, теоретски дел, кој ќе се одржи во март 2024 година ќе следат серија предавања:
Среда 6 март од 20 до 21.30 часот
– Вовед во работилницата и презентација на најзначајните 100тина уметнички дела / проекти кои ги обработиле и нагласиле темите екологија, оджливот развој и климатски промени.
Среда 13 март од 20 до 21.30 часот
– Презентација на проектите на уметникот Никола Узуновски, во кои спаѓаат и проектот Соларни Кујни, и Провремени пловечки живеалишта на кои учесниците ќе можат да одлучат да се приклучат.
Среда 20 март од 20 до 21.30 часот
– За разработка на проектот соларни кујни, Јана Клопчевска, професор на технолошко-металуршкиот факултет, од насоката за прехрамбена технологија и биотехнологија, ќе ги објасни главните хемиски процеси кој се случуваат при готвењето или обработка на храна, а експерт од полето на Астрофизиката, кој ќе ги објасни сите аспекти од физиката потреби за реализација на соларни кујна.
Среда 27 март 20 – 21.30 часот (можни промени)
– За разработка на проектот Привремени пловечки живеалишта, Методија Велевски од Македонско еколошко друштво ќе ги објасни еколошките проблеми на преспанското езеро, посебно хабитатот на птиците и некои од можните начини на справување, како креирањето на привремени живеалишта.
Практичен дел
Во вториот дел од работилницата ќе се одржи практичниот дел, каде учесниците ќе можат заеднички со менторот да учествуваат во реализацијата на проектите – Соларни кујни и Привремени пловечки живеалишта, или да реализираат свои проекти обработувајќи ги темите екологија, климатски промени и одржлив развој.
Последниот ден од работилницата ќе има презентација на проектите и настан со готвење на соларна кујна.
Април – Мај (Датите ќе до одредат заедно со учесниците)
– Истражување, дизајн, развој, и продукција на соларни кујни во Скопје
– Истражување, дизајн, развој, и продукција на пловечки острови во Преспанското езеро
– Презентација на истражувањата и решенијата на учесниците на работилницата
– Корекции и развој на решенијата на учесниците на работилницата
Заинтересираните можат да се пријават со пополнување на формуларот достапен на линкот и преку страната најдоцна до 1.03.2022. Настаните ќе се одвиваат во просториите на КСП Центар Јадро, и на Преспанското езеро.
Никола Узуновски (Земун, Белград, 1979) е интердисциплинарен уметник и професор по дизајн и уметност. Предавал на Кралскиот технички универзитет во Стокхолм, Академијата за Дизајн во Талин,Вишиот институт за дизајн во Фиренца, Академија Италиана во Бангкок. Во 2005 година учествува на 51. Биенале во Венеција во проектот “Floating Sites“, а во 2007 ја освојува наградата „Млад европски уметник“. Почнува да работи на неговиот проект “My Sunshine“ на Trieste Contemporanea кој го продолжува и за време на престојот во Полинарија, Абруци во 2008 година. Понатаму го развива проектот за македонскиот павилјон на 53. Биенале во Венеција (2009). Од самостојните изложби се издвојуваат “Snow“ и “My Sunshine“ во галеријата „Федерико Лугер“ во Милано, додека од групните изложувања се издвојуваат “Greenwashing“ во Fondazione Sandretto Re Rebaudengo (Торино, Италија, 2008), “Green Platform“ во Fondazione Strozzi (Фиренца, Италија, 2009), “Spaceship Earth“ во Centre of Contemporary Art Znaki Czasu (Торун, Полска, 2011).
Повеќе информации за менторот на nikolauzunovski.studio
За повеќе информации, контакт: Никола Узуновски, е-маил nikolauzunovski@gmail.com или на тел: 078505619
АРТС ХАБ Работилница
„Вештини за ожививање / Resurgence.juicy“
Автор – Клелија Живковиќ
За оживувањето не е лесно да се зборува. Веќе некое време се обидувам да ги најдам вистинските зборови да го опишам тоа што го чувствувам: дека би можела подлабоко и послободно да дишам. Дека би можела поискрено да се поврзам со светот. Дека имам пристап до заедница и поддршка, ако ја побарам. Дека постои поубав и пожив свет кој можеме да го создадеме.
Одбивам да отрпнувам, да ги потиснувам своите чувства и желби, да ја скротувам мојата радост или да го пригушувам мојот гнев. Наместо тоа, одбирам да оживеам.
Доколку ова буди нешто во тебе, се надевам дека ќе ми се придружиш на проектот „Вештини за оживување“, каде заедно ќе се обидеме да ги разбереме одлуките, дозволите, границите и изборите кои ги правиме во служба на нашата оживеаност.
Работилницата ќе се одржи во следниве термини:
17-феб-2024 11-14 ч.
24-феб-2024 11-14 ч.
9-март-2024 11-14 ч.
16-март-2024 11-14 ч.
30-Март-2024 11-14 ч.
6-Април-2024 11-14 ч.
Клелија Живковиќ (1989) е трансдисциплинарна дизајнерка од Скопје. Таа ја истражува улогата на дизајнот во обликувањето на општествената и еколошката реалност преку применување на прототипирањето како истражувачки и продукциски формат. Нејзиниот последен проект „Прототипирање на нежноста: личен запис од светот во изумирање“, уметничка книга и изложба поддржани од Студио Приватен Принт, го документира нејзиниот увид во нежноста како квалитет на граница помеѓу две битија, битие и опкружувањето итн. Во 2022 година АИКА Македонија ѝ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“, за нејзиниот истражувачки проект „Дизајн за оживување“, кој ги мапира современите дизајн практики и интерсекционалната екологија кон развивање на дизајн методологија која се занимава со светот обликуван од широката потрошувачка и исцрпувачка на ресурси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.