Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје првпат ќе се одржи Фестивалот „Лајвјуроп“ откако МКЦ стана полноправна членка на реномираната мрежа на концертни сали во Европа.
„Лајвјуроп“ е мрежа на легендарни концертни сали меѓу кои и Melkweg (Амстердам), Vega (Копенхаген), Ancienne Belgique (Брисел) и други дваесетина препознатливи и популарни сали, кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија, информираат од МКЦ.
Оттаму велат дека од регионалните концертни сали, кои ја имаат таа привилегија да се дел од оваа позната асоцијација беше единствено културниот центар „Кино Шишка“ од Љубљана, а сега веќе заедно со МКЦ и „Мочвара“ од Загреб.
„Лајвјуроп“ фестивалот се одржува во рамки на ПИН музичката конференција и “шоукејс“, која своето деветто издание традиционално ќе го одржи од 24 до 26- ноември во МКЦ.
Во рамките на ПИН се најавени 250 гости, односно најрелевантните имиња во музичката индустрија (букери, промотери, новинари, агенти) и на најактуелните музички таленти од Европа, регионот и од кај нас.
Во текот на овие три фестивалски дена, сите посетители ќе имаат шанса да ја проследат дневната панел програма во Кино Фросина, каде ќе се дискутира на топ теми во индустријата, трендови поврзани со музичката сцена, продукцијата, културата и сите влијанија на истата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.