Познатиот македонски поет Славе Ѓорго Димоски е годинешен добитник на државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста. Ова престижно признание се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Македонија.

Роден е на 18 март 1959 година во Велестово. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и претседател на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, бил претседател на Управниот одбор на Национална установа „Струшки вечери на поезијата“. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН центар и на академијата „Анте Поповски“. Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на книги есеи и активно препејува. Негови поединечни песни и поески циклуси преведени се на над триесетина јазици, а 19 одделни книги му се преведени на англиски, руски, српски, турски, шведски, хрватски, полски, азерски, бугарски и др. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Григор Прличев“ за најдобра поема, „Гранпри Исток-запад“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Годинава сте добитник на Државната награда „23 Октомври“ во областа на културата и уметноста. Станува збор за високо државно признание и едно од многуте во низата на Вашата долгогодишна кариера. Што значат за Вас наградите? Дали Ви претставуваат потврда за сработеното или можеби обврска?

Државната награда „23 Октомври“ за мене има двојно значење, прво дека од највисок врв е верификуван мојот четири и пол деценискиот труд врз полето на литературата, поточно поезијата и второ, во нејзиното име е врежан светлиот датум на формирањето на Внатрешната македонската револуционерна организација кој ќе биде темелот на денешната современа македонска држава. А со тоа што сум ги добил најрелевантните награди за поезија кај нас и неколку надвор од Македонија е укажана доверба кон мојата поезија од оние што ја вреднувале, а тие се колеги од мојата фела. Многу од порано сум рекол, а до тоа држам и денес, дека искрениот поет треба да е малку воздржан од нивниот „сјај“ бидејќи не содава заради нив, туку затоа што пишувањето, посебно поезија, е поривот што ја предизвикува негова насушна потреба за да пишува. Тоа е задачата или обврска на поетот, а наградувањето е вреднување на создаденото. Сакам само да додадам дека книжевната критика е неопходна да ја следи поезијата, бидејќи ѝ треба промислено длабење во нејзините слоеви за да се посочи на нејзиниот сјај проблеснат од јазикот на поетот. Но, за жал тоа го нема или е редок случај, дневните весници, кои се и премалку за нашата средина, не посветуваат посебно внимание на книжевната критика, како некогаш, а книжевните списанија излегуваат многу ретко и проблемот со нивната дистрибуција го оневозможува љубопитството на читателот.

Во два мандати бевте Претседател на УО на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Тоа е најстариот поетски фестивал во светот и самиот сте поет, па сметате ли дека поезијата може да направи промени? И што треба да се преземе, или промени во СВП?

Околу Струшките вечери на поезијата повеќе пати сум се искажувал, и во однос на неговото значење во светски рамки, и во однос на начинот како постепено да се менува и да ги следи глобалните промени на секој план со цел да се вклопи и втопи во предизвиците што ги носи новото време кога бев претседател на Управниот одбор. За мене фестивалот отсекогаш претставувал духовен и душевен восклик и свеченост на цивилизацискиот интелект. Тој е еден од најпрепознатливите македонски брендови во светот, а кај нас, во Македонија ги носи сите јазици од светот. Мислам и во тоа е неговата потреба од постоење и неговата актуелност. Секој е свесен дека поезијата не може да направи некакви промени на големо, на денешен јазик кажано глобално, ниво, но може ( а и тоа го прави) да отвори некои скриени простори во душата на човекот кои, самотно, длабоко внатрешно, ќе му се спротивстават на овој светски дехуманизам.
СВП сега се пред нов предизвик кој ќе зависи од новото раководство, но голем е мојот оптимизам во зачувување и осовременување на нивниот високо ниво.

Основач сте и долгогодишен претседател на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, во чии рамки се одржуваат поетски портрети, концерти, изложби, поетски читања на гости од земјава и од странство. Дали институционалната поддршка која ја добиваат ваквите манифестации е доволна и доколку не, имате ли некое решение, предлог за начин на кој би се финансирале проектите од културата во земјава?

Идната година фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ ќе го има своето триесет и седмо издание, полека ја затвора четвртата деценија од постоењето и за тоа време стана своевиден феномен кој собира различни уметници од целиот свет. Препознатлив е, атрактивен е, оригинален во својата концепција, за што мислам дека и тоа го одржа толку долго време. Колку што расте фестивалот толку повеќе расте и потребата од поддршка за непречено реализирање на програмите опфатени во неговите рамки. Имаме институционална поддршка, но не ги задоволува основните потреби од едноставна причина што висината на средствата се на ниво од пред неколку години и не може да се следи инфлацијата. Постојано тоа го укажуваме на Министерството за култура и туризам, но до сега не сум сигурен дали тие наши укажувања биле разгледувани и анализирани програмските содржини со цел да бидат правилно вреднувани. Имаме надеж дека за идното издание поддршката ќе ги задоволи потребите на фестивалот.
Наш предлог е манифестации кои во континуитет се одржуваат повеќе децении и со широка афирмација да имаат поинаков третман од оние кои, какви што имавме примери во изминативе години, да се регистрираат колку да ги земат средствата од Министерството и да згаснат, или здруженија на граѓани кои постојат неколку години, добиваа високи средства, а не реализираа ни една програма.

Летово беше промовирана Вашата најнова стихозбирка, под наслов „Грозје од кукавица“. Книгата е всушност завршен дел од трилогијата со неоангажирана поезија, заедно со „Извештаи на рисот“ (2016) и „Јазик и леб“ (2019) каде се пародираат општочовечки и национални теми, како страв, сомнеж, свеста за изгубена надеж, химната, најпознатата реченица на Делчев, владеењето на логиката на интересот, а не логиката на моралните вредности…Па оттука, дали преку овој однос меѓу политиканството и поезијата треба да сфатиме дека само поезијата може да ја спаси чистата човечка свест?

Што може да стори една песна?
Самото време, без некоја однапред смислена концепција наметна да ја создадам оваа трилогија. На некој начин сакав да кажам дека пишувањето поезија денес е еден вид субверзија – чин кој им се спротивставува на постулатите на денешниот свет на популизам. Можеби треба да се избегне класичното сфаќање за ангажирана поезија, но мислам дека е дојдено време да се испраќаат пораки токму преку ангажирана поезија, бидејќи во неа доминира рецепцијата на секојдневието, на политиканството, но и на спознавањето на стварноста, провокативноста, возбудата и вознемиреноста. Стиховите можат (а и треба) да се сфатат и како психолошка реакција на она што се случува околу нас и во нас и на општествено, и на национално рамниште, тие треба да посведочат за човековата оскудна моќ, за трогателната вистина, за прашањето каде и во каков свет живееме. Другите одговори се наоѓаат во вашето прашање.

Во Вашето обраќање по повод доделената награда „23 Октомври“ рековте Вашето занимање е ракување со зборовите и дека ако поетот замолчи ќе замолчи и душата на јазикот. А душата на нацијата е и јазикот…

Државната награда „23 Октомври“ е една од најзначајните во Република Македонија бидејќи, преку основањето на Македонската револуционерна организација на овој ден во 1893 година во Солун, па преку Илинденското востание 1903 година и најважниот документ „Крушевскиот манифест“ кој подоцна се преточи во асномските определби за слободна Македонија и 8 Септември конечно Република Македонија да биде слободна самостојна држава е континуитет кој на највисоко ниво ги изразува слободарските идеи и идеали на македонскиот народ.

Јас доаѓам од сферата на литературата и моето занимање е ракување со зборовите. Токму Македонската револуционерна организација ја собра тогашната македонска интелигенција, токму во неа се поставени и темелите на идниот стандардизиран македонски јазик, токму од нејзините пазуви се изнедри книгата „За македонцките работи“ во која Крсте Петков Мисирков го постави фундаментот на идниот современ македонски јазик.

Реков дека доаѓам од сферата на литературата, поконкретно од сферата на поезијата. Поетскиот јазик не е конкурентен на денешниот потрошувачки свет бидејќи тој доаѓа од сакралните проблесоци на исконско постоење на јазикот и цврсто се држи за стожерот на опстојувањето. Јазичната политика е во темелот на националната политика. Најзначајниот елемент на културната политика е дека македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото се еден од идентитетските столбови на сите нас. Ако поетот замолчи ќе замолчи и душата на јазикот. А душата на нацијата е и јазикот.

Ја примам оваа награда во името на оваа вечна земја. На мојата вечна земја. Вечноста и Бог се едно исто. Нашата Република е мала, но огнена. Таква била Крушевската Република, таква била Асномската Република, таква е и оваа Република денес. Но толку ни ги стеснале границите што нема простор за друго име освен за Република Македонија.

Да живее Република Македонија!

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.