Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) во интерес на транспарентноста и одговорноста при распределбата на буџетските средства, предлага преку страницата на Министерствтото за култура на јавноста да ѝ биде достапен списокот на сите предложени книги за публикување, а не само имињата и насловите на избраните проекти.

Претседателството на најстарата писателска асоцијација одржало вонреден состанок во врска со резултатите од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од културата за 2023 година.

Неприфатливо, скандалозно и спротивно на националниот интерес е во Годишната програма да не се издвојат средства за годишните награди на ДПМ: „Димитар Митрев“, „Ацо Шопов“, „Стале Попов“ и „Ванчо Николески“. Тие се наши великани, основоположници и меѓници, чии што имиња и дела се вградени во темелите на идентитетот, јазикот и македонската литература.

Неприфатливо е и одбивањето да се финансира манифестацијата „Празник на липите“, која го промовира дијалогот меѓу македонската и светската поезија, се вели во реакцијата на ДПМ.

Оттаму додаваат дека иако не ја добиле очекуваната поддршка од Министерството за култура, а дејноста на ДПМ во 2023 година е доведена во прашање, нема да дозволат најстарата, најрепрезентативната и најмасовната писателска адоцијација, која постои и опстојува веќе цели 76 години, да не го продолжи својот нагорен пат, кој е во неразделна врска со националните интереси.

ДПМ се залага за почитување на приоритетите во културата, а книжевните награди кои ги носат имињата на нашите писатели – стожерници несомнено се еден од тие врвни приоритети во доменот на книжевноста и културата, се вели во рекацијата на ДПМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.