Во овој момент Министерството за култура врши исплата на јануарските плати во фази. Исплатата зависи од динамиката на анализите, но Министерството не го крши Законот за работни односи и никој нема да остане без плата, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во врска со денешната реакција на Синдикатот за култура, во која се вели дека не се исплатени платите на оние културни институции кои работат в недела.
Министерката рече дека ја добила реакција од Синдикатот за неисплатените плати на дел од институциите и напомена дека во Министерството не се спровеле навремени консултации за непречено да се примени одредбата и спроведувањето на Законот за недела неработен ден.
Фактот стои дека како Министерство за култура не се спровеле навремени консултации со установите кои што припаѓаат и за кои Министерството за култура е надлежно, и со надлежното Министерство за труд и социјална политика за непречено да се примени одредбата и спроведувањето на Законот за недела неработен ден. Предметната одредба од закаонот се однесува на работни процеси кои се од таква природа што не дозволува да се прекине работата, поради техничко технолошкиот процес и од потребата во континуитет во работата, додаде Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во одговор на прашање.
Според министерката, треба навремено да се идентификуваат оние установи кои имаат потреба недела да стане работен ден, а треба и да се почитува заложбата која Законот ја предвидува.
Таа додаде дека согласно насоките, Министерството за култура не го крши Законот за работни односи и сите оние кои работеле во јануари во недела, како што рече, ќе бидат исплатени согласно измените.
Сепак, таа додаде дека проблемот се јавува кај оние институции каде без основа и спротивно на одредбите од Законот за работни односи во делот на недела ден за одмор, тие работеле, што и влијае на забавената исплата.
Министерката напомена дека Министерството за култура во овој момент засилено работи на проектирање на буџетот согласно измените на Законот, како и на нова реорганизација на институциите за обезбедување на услови за оптимална работа за сите установи, односно калкулации колкав човечки фактор им треба на овие институции каде што не смее да се прекине процесот на работа.
Јануарските плати ќе ги добијат во најбрз можен рок, не би калкурилала ниту со денови, ниту со недели но во најбрз можен рок јанаурските плати ќе бидат исплатени и се она што подразбира реорганизација во однос на законот недела неработен ден ќе биде направено во најкус можен рок, додаде министерката за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.