Денешното соопштение на раководството на Синдикатот на Филхармонија е апсолутна невистина и манипулација и на вработените во Филхармонија,како и на јавноста.

Министерството за култура минатата недела, а не пред месец и половина, соопшти дека интензивно работи на изнаоѓање на решение за трајно сместување на новоформираната НУ Џез оркестар (иако таа се уште не е правен субјект) и тоа е апсолутна вистина. Лагата на раководството на Сидикатот набргу ќе биде „соголена“.

Елаборатот за основање на НУ Џез оркестар е јавен документ, достапен во секое време и секому на веб страницата на е-влада, објавен веднаш кога е донесена одлуката и оттаму тој елаборат не е никаков таен документ.

Секоја Одлука за формирање на нова установа мора да биде пропратена со елаборат кој, пред сè, ја опишува оправданоста за формирање на Установата. Да, во елаборатот се наведува објектот Филхармонија, но во елаборат не се наведува од каков карактер (трајно или времено) е сместувањето. Во Образложанието на Одлуката , кое е пропратен документ на самата Одлука, стои дека просторно времено ќе се смести до целосно формирање на новата НУ. Исто така, во Одлуката е наведено дека објектот е даден на Филхармонија на трајно користење. И да потенцираме – правна сила има Одлуката, која е објавена во Службен весник, а не Елаборатот.

На раководството на Синдикатот на Филхармонија добро му се познати овие факти, но со делумно објавување на документите, кои инаку се јавни и достапни од првиот миг на нивното донесување, очигледна е тенденцијата за манипулирање со јавноста, за жал, и со членовите на врвниот Филхармониски оркестар. Да ги објавеа во целина сите документи веруваме дека не ќе можеа да ги манипулираат  членовите на најреномираниот Национален оркестар да свират на улица кога бројни Национални установи, Центри за култура и институции денеска го чествуваат Денот на македонскиот јазик. И наместо да се приклучат на ова чествување со бесплатен концерт изведувајќи дела на македонски автори, членови од раководството на Синдикатот  со манипулации издејствуваа уште еден концерт на улица. Исто како и оној, минатата недела, токму на 27 април.

Освен впечатокот дека некои „на нероден Петко“ бесилка му прават, веќе станува реален сомнежот дека правењето на проблем онаму каде што го нема е со сосема друга позадина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.