Меѓународната изложба „Екологија на идеи“ е патувачка поставка и во Македонија ќе биде отворена на 12 април во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ – Национална галерија, а потоа патува за Италија и на крај завршува во Атина, Грција, како потврда за широкиот интернационален дострел на проектот „Патиштата на хероите“ вклучувајќи во своите активности повеќе од 30 артисти.

Партнер на изложбата е „Ла драматурџи“ од Италија, под кураторство на режисерот и драматург Џан Марија Черво е идејно концпирана во три изложбени простории тематски поврзани, но концептуално различни. Изложбата е комбинација од различни пристапи со цел да се обрати на различна публика и да ја искомуницира еколошката криза со која се соочува современиот свет.

Изложбата ги опфаќа темите на општествена апатија и отсуство на дела, но нуди и решенија за основните прашања како: Дали треба да ја видиме бојата на воздухот што го дишеме за да дејствуваме? Како се поаѓа од чувството на бесполезност? Како дејствуваме како поединци, а како дејствува заедницата? Што значи политичка, општествена и емоционална криза? Кои се првите чекори како уметници?

Пред отворањетоо на изложбата, во 19 часот е закажана промоцијата на книгата за деца „Ветерната приказна“ од Ника Гавровска и изложба на илустрациите од Наташа Андонова како дел од проектот „Патиштата на хероите“. „Ветерната приказна“ припаѓа на современата книжевна фантастика. Како спој од мит и сказна, таа е и книжевна адаптација на документаристичка предлошка. Малата Верта тргнува на патување, при што ѝ се случуваат низа средби, поточно 12 луѓе што се книжевни огледала на 12 вистински ликови од современиот живот што живеат денес и секојдневно на свој начин придонесуваат за поубав свет.

Италијанската организација „Ла Драматурџи“ е организатор на меѓународната изложба која во рамките на интернационалниот проект „Патиштата на хероите“ е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија во 2020 година. Во својата основа проектот се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Се работи за комплексен проект со времетраење од две и пол години.

Покрај Македонскиот народен театар како главен партнер, во проектот се вклучени уште шест организации од кои една од земјава (Издавачка куќа Гаврош) и пет од другите партнерски земји Италија (Ла Драматурџи), Грција (Лооп Амке), Босна и Херцеговина (Студио Театар), Словенија (Институт за театарска игра) и Србија (Ехо Анимато). Секоја од организациите се занимава доминантно со производство, промоција и истражување на театарски и сценски форми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.