Во рамките на Пролетната серија концерти на Вигмор Хол, денеска, 7 март, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески во престижната концертна сцена во Лондон ќе одржи матине концерт насловен „Трпчески и пријателите“, соопштува „КултурОп“.
Една од најпознатите светски рецитални сцени вака го најавува концертот: „Група меѓународни музичари кои претходно работеа заедно на проектот МАКЕДОНИСИМО („многу македонски“), што публиката овде во Вигмор веќе го искуси, овој пат донесува класично дело за квартет со пијано од Јоханес Брамс, плус две необични дела: квинтет од британецот, македонскиот композитор Панде Шахов, роден во Скопје 1973 година; како и аранжман (автор на аранжманот е Влатко Нушев-наша заб.) на дело од францускиот композитор Гијом Конесон, роден во Париз во 1970 година“.
Овој концерт, на кој сцената со Трпчески ќе ја делат и Ѓорѓи Димчевски на виолина, Сорин Спасиновици од Романија на виола, Александер Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет и Влатко Нушев на перкусии, ќе се пренесува во живо на веб-страницата на Вигмор Хол во HD, а видеото ќе биде достапно 90 дена по датумот на емитување:
Почетокот на едночасовниот настап е закажан за 13 часот по британско, односно 14 часот по средноевропско време.
Во меѓувреме, издавачката куќа Лин рекордс, по големиот интернационален успех на ЦД-то на кое Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович, веќе за крајот од овој месец го најави и излегувањето на првиот самостоен компакт диск за познатата британска етикета на која Симон Трпчески ќе се претстави со дела од Моцарт, Брамс и Бетовен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.