По вжештената дебата околу книгите за кои десничарите сметаат дека не се соодветни да се наоѓаат во училишните библиотеки, авторката Маргарет Атвуд најави ново издание на нејзиниот славен роман „Приказната на робинката“ кој ќе биде огноотпорен.

Канадската авторка новиот проект го најави во кратко видео на Јутјуб, во кое Атвуд со пламенофрлач неуспешно се обидува да ја запали својата книга.

Најавувајќи ја книгата од издавачката куќа „Пингвин Рендом Хаус“ велат дека специјалното издание на овој роман кој со децении е оспоруван и забрануван во разни држави е поради тоа што во САД и низ светот голем број книги оваа година биле забранети, па дури и палени.

„Книгата е испечатена на материјали кои не горат. Ова издание на „Приказната на робинката“ на Маргарет Етвуд е направено да биде целосно огноотпорно и дизајнирано е да ја заштити оваа важна приказна и да стои како моќен симбол против цензурата“, велат во промотивното видео.

Романот ја раскажува приказната на Офред, девојка која има улога на робинка во нов режим на опресивна Америка од иднината. Овие робинки се принудени да раѓаат деца за неплодните жени од повисоките социјални сталежи и сопругите на командантите кои раководат со дистопискиот систем в0 државата наречена Гилеад.

Книгата на Атвуд доби уште поголем публицитет поради адаптацијата на оваа приказна во телевизиска серија, која имаше огромна гледаност. Облеката на „робинките“, во црвени наметки со бели капи, стана познат симбол на протестите за репродуктивните и женските права.

Огноотпорното издание на „Приканзата на робинката“ ќе биде ставено на аукција, а доаѓа во пресрет на одлуката на американскиот Врховен суд кој се очекува да го поништи националното право на абортус во земјата.

Жените кои не можат да носат свои одлуки за тоа дали треба или не треба да имаат бебиња се поробени бидејќи државата положува право на сопственост на нивните тела и право да диктира за која цел ќе бидат употребени нивните тела, напиша Атвуд во последната збирка есеи.

Огноотпорното издание на „Приказната на робинката“ ќе биде понудено по почетна цена од 40.000 долари, а сите средства ќе бидат донирани за непрофитната организација „Пен Америка“, за поддршка на нивната борба за слобода на изразување.

Според Американската асоцијација на библиотеки овој роман бил меѓу најчесто забрануваните и оспорувани книги во американските училишта.

Во 2006 година во отворено писмо до училиште кое сакало да ја забрани нејзината книга, Атвуд има напишано:

Најпрво, забелешката „навредливо за христијаните“ ме вчудоневидува. Никаде во книгата режимот не е идентификуван како христијански. А, во врска со сексуалните експлицитности, „Приказната на робинката“ не е ништо помалку заинтересирана за секс отколку Библијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.