Патувачката мултимедијална изложба на историски стрип „CAN for Balkans”, на која една четвртина од изложените дела се на македонски автори, е отворена во Домот на Сојузот на бугарските уметници, попознат како „Шипка 6″, во Софија.

Ова е прво претставување на македонскиот стрип во Бугарија после 2010 година, кога во галеријата „Алтер его” при Културниот центар „Средец” во Софија беше поставена изложбата „Нови стрип соседства” во имплементација на Стрип центарот од Велес.

Македонскиот стрип центар е вклучен и во повеќегодишен меѓународен проект за историски стрип, кој преку програмата „Креативна Европа” е кофинансиран од Европската Унија. Организација носител на проектот и оваа изложба е Историскиот музеј на округот Брашов, во Романија.

Македонските автори што со свои стрипови се претставени на групната изложба „CAN for Balkans” се Љубомир Филиповски, Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Коле Манев, Славчо Темков, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов, кој воедно е и истражувач и селектор на изложените македонски дела.

Како што истакнува селекторот на македонскиот дел од изложбата Александар Стеванов, меѓу личностите од македонската историја застапени во изложените стрипови се: Александар III Македонски, цар Самуил, Хацон, Пребонд, св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, како и хероите од илинденскиот период и од НОБ.

-Со оглед на тоа што повеќето од овие стрипови се придржуваат до историските факти, интересно е да се спомне дека дел од нив долги години беа користени во образовниот систем како помагала по предметот Историја, изјави Стеванов.

На негов предлог, како најамблематичен лик од македонските историски стрипови е избран едноокиот Самуилов војник Никола од стрипот „Одмазда на еднооките” на Филипов, кој на изложбата е поставен на посебно пано отпечатено во реална величина.

Почнувајќи од октомври 2022 година, изложбата досега била поставена во Брашов, Тирана, Брисел, Лесковац, Велес и во Букурешт. Покрај стриповите на теми од македонската национална историја, останатите три сегмента од изложбата се посветени на романскиот, албанскиот и на српскиот историски стрип.

Во Софија оваа изложба е поставена во рамките на манифестацијата „Софија комикс експо 2024″, чии организитори се Сојузот на бугарските уметници, секција стрип, и „Проектот Д`га”.Истата ќе биде отворена до 31 мај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.