„Македоника литера“ неодамна го објави романот за деца „Леон во Стаклената Гора“ од босанско-хрватскиот писател Жарко Милениќ, во превод од хрватски јазик на Елена Саздовска.

Овој сказновиден роман на Милениќ е вториот од трилоги­јата романи за деца во која главниот лик е Леон (1. Леон, ученикот на волшебникот; 2. Леон во Стаклената Гора; 3. Антадор, учителот на Леон). Книгата е напишана со едноставен, лесен и приемлив раскажувачки јазик и стил во духот на народната приказна, односно на бајката, со романизирана структура. Леон треба да стане крал, но тој не го сака тоа. Тој само сака да чита книги, додека пак неговиот помлад брат го интересира само владеењето со кралството. И покрај тоа што Леон своеволно се откажува од круната, неговиот брат во него гледа потенцијална опасност и го заточува во кулата. И така Леон, изолиран од сите, престојува во кулата и чита… Сè до еден ден кога одлучува да побегне и да го запознае светот за кој толку многу ќе научи и ќе спознае од книгите. Го очекуваат безброј возбудливи патешествија и средби со необични лико­ви, а со секоја средба тој станува побогат и поискусен… Така станува и ученик на Антадор, волшебникот со голема моќ, меѓутоа неговите намери секогаш не се добри…

Авантурите на волшебникот Леон од „Леон, ученикот на волшебникот“ продолжуваат во оваа втора книга. Во оваа втора книга добриот мал волшебник оди во Стаклената Гора за да ги спаси затворените жители на Селанија – претворени во Стакленци. На своето патување тој минува низ необични кралства и земји: Арболија, Ликија, Транија, Лонија… и среќа­ва подеднакво необични и интересни ликови… Фантастична приказна за деца и за оние кои сè уште се во срцето.

Првиот роман од трилогијата – „Леон, ученикот на волшебникот“ „Македоника литера“ го објави на македонски јазик пред две години.

 

Жарко Милениќ (1961, Брчко, Босна и Херцеговина) e прозаист, драмски автор, поет, преведувач, уредник. Живеел во Осиек и Риека, а сега живее во Брчко (БиХ) и во Под­мос­ков­је, Русија.

Автор е на повеќе од триесет прозни дела, повеќето романи, четири книги со раскази, исто толку стихозбирки, како и на две книги со критички текстови, една есеистичка, а приредувач е на антологиски и тематски избори. Автор е и на радио­дра­ми. Некои негови дела се преведени на македонски, украин­­ски, ерменски, руски, француски и англиски јазик. На македонски јазик се објавени „Леон, ученикот на волшебникот“ (роман – сказна за деца) „Ги изеде дождот“ (роман), „Од училиште до дома“ (раскази), „Заедно“ (роман), како и Антоло­гијата на хрватски научнофантастични раскази, чиј приредувач е тој. Се занимава и со преведување – преведува од англиски, македонски, руски, бугарски, словенечки и украин­­ски јазик. Наградуван е во Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Ирак и во Кина.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.