Во Културно- информативниот центар во Битола, октомври ќе биде запаметен по извонредниот концерт на познатата битолска пијанистка Горјана Стојановска, која по серијата концерти низ државата пред самиот крај на годината со концерт во својот роден град.

Овој концерт за мене беше лично патување. Најпрво неизмерно задоволство да се работат, истражуваат и доживуваат овие прекрасни дела на Шуман и Чајковски. Всушност секое дело на кое се работи отвора хоризонти. Тоа е една од убавините на музиката – не постои место каде што не може да ве однесе и постојат светови кои само таа може да ги открие. Симфониските етиди на Шуман се дело кое мене отсекогаш ме фасцинирало. Во себе носи патетика, силна и концентрирана емоција која допира до најисконските димензии на човечката душа. Навистина постојат дела за кои само внатрешен глас може да каже: “Време е…”-истакна таа после концертот кој го посвети на нејзината професорка Татјана Божиновска која беше во публиката.

Горјана, на осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска.

Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г магистрира.

Во 2018г се запишува на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан.

На програмата беше и Циклусот „Годишни времиња” на Чајковски.

Ова е меѓу оние дела со кои наблиску и најинтимно сум се поврзала. Во еден момент станаа моја голема желба и повик, па так и започнав да ги работам. Тие се како скапоцени камчиња на животот, наједноставните моменти на импресии, обични приказни, од мој личен агол портал кон бајки и фантазии.” – раскажа таа.

Од 2021 година, Горјана Стојановска работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола. А следната 2023 година најавува нова серија концерти и некои планови кои ќе ја популаризираат класичната музика на поинаков начин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.