Книгата за деца „Љубов во топка“ на авторката Ана Јовковска, во преполната сала на КСП Центар Јадро беше промовирана синоќа пред најмладата публика. Ова е седма книга на Јовковска, а воедно и втора илустрирана книга за деца, во издание на „Едиција светулка“, а пред присутните ја претстави Владимир Мартиновски.
„’Љубов во топка’ е интерактивна илустрирана книга за деца од претшколска и раноучилишна возраст што го обработува проблемот на врсничкото насилство, беше истакнато на промоцијата.
„Љубов во топка“ на авторката Ана Јовковска го обработува проблемот на врсничкото насилство (булинг) како еден од најгорчливите проблеми на денешното општество. Приказна за пријателството и емпатијата, што го анализира широкиот спектар на емоции кај децата. Книга за кревкото детско срце, за гласот што треба да го пронајдеме, за храброста да кажеме како се чувствуваме и можноста секое дете да биде херој или хероина.
Чувствата што доминираат во нарацијата и илустрацијата се тага, осаменост, нарушена самодоверба, но и верба, храброст, љубов и надеж. Покрај главната наративна нишка во книгата е опфатена и темата за различноста односно маргинализирањето на поинаквите деца. Иако приказната не бега од тагата како емоција, таа дава решение како да се канализираат емоциите и да се пронајде сопствениот глас. Завршува оптимистички, со надеж дека љубовта и добрината го носат новиот детски свет.
Оваа топла емотивна приказна на Јовковска е надополнета со прекрасните илустрации на Иванка НиБа.
Иванка НиБа е илустраторка, дизајнерка и сликарка со повеќе од 15 години работно искуство во графичкиот дизајн. Има илустрирано преку 30 книги за деца за домашен и странски пазар. Работи и видео продукција – кратки анимирани филмови и мултимедија за театарски претстави. Проект менаџер е на популарната едиција книги за деца „Едиција Светулка“. Како основач и раководител на издавачката куќа „Светулка“, продолжува со реализација на издавање квалитетна литература за деца од македонски автори и илустратори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.