Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија за првпат гостува во град Сандански со уметничкиот проект „Поврзување“. Десеттата јубилејна изложба од проектот која во јули на 2023 година беше поставена во галеријата на Академијата за ликовни уметности во Софија, сега може да се види од културната публика во Сандански.

Групната изложба „Средба од десетти вид“, составена од дела на 16 автори, ќе биде отворена во Уметничката галерија во Домот на културата на град Сандански, на 8 ноември 2023 година, од 18:00 часот. Изложбата е дел од овогодишните настани со кои ја одбележуваме 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Бугарија.

Авторите кои учествуваат се ликовни уметници од Македонија, кои живеат и работат во Бугарија: Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов и Зоран Мише. Исто така се опфатени и дела на автори кои живеат и работат во Македонија: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим. Освен нив се вклучени и бугарските автори: Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев. Овогодишната јубилејна изложба во својот творечки состав за првпат вклучува и автори од други земји, како што се Рикардо Кварежма Виејра и Валтер Праташ, од Португалија, и Золтан Ференц, од Романија.

Изложбата е составена од околу 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт. За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 19 ноември 2023 г.

Почетокот на проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Македонија е поставен во 2012 година и прескокнувајќи ја единствено 2013 година продуцира ликовни изложби до денес, а со тек на времето списокот на автори се зголемува и збогатува. Кон базичната група „Конекција“, составена од уметници од Македонија кои живеат и работат во Бугарија, постепено се вклучуваат и македонски уметници кои имаат активна уметничка дејност во Македонија, како и бугарски уметници кои имаат изјавен творечки пат. Оваа година кон изложбата се вклучени и дела од романски и португалски уметници.

Насловот на овогодишната изложба „Средба од десетти вид“ е игра на зборови, избрани со интенција за асоцијативност во перцепцијата. Од една страна тој го вклучува третирањето на необичностите на нашата современост, во кое се изоструваат и поларизираат позиции, мислења, гледишта, естетски преференции… Од втора страна стои љубопитноста на човекот и неговите усилби за раширување на хоризонтите, за изнаоѓање на нови простори на познание, можеби преку средби слични на оние со вонземјани, за кои постојат класификации од областа на уфологијата. Од трета страна стои конкретниот јубилеј 10 години Проект „Поврзување“ кој секоја година ги среќава македонските уметници со своите бугарски колеги во заеднички изложби пред културната публика.

На фонот на целиот современ медиумски шум, нашите уметнички средби добиваат необичен вид и како да треба да се движиме спроти текот на целото „нормално“ околу нас. Во услови на отуѓување меѓу луѓето и силната поларизација на општествата нѐ дебне осудувачкиот тон на оние кои сакаат да не видат разделени, предлагаат разделеност и прекинување на контактите. Во тој контекст нашите усилби, преку нашите уметнички средби под формата на изложби, изгледа како да придобиваат сизифовски карактер и стојат надвор од масовното однесување.

Изборот на авторите од изложбата произлегува од нивната поврзаност и нивната желба за ваков вид на комуникација. Самите автори во контактите помеѓу нив гледаат можност за растење и збогатување на нивниот внатрешен свет, преку одгледување во уметноста на другиот и распознавање на различното убаво. Сите тие имаат утврден творечки пат и силна врска со луѓето околу нив.

Тука се среќаваат дела, во кои основен изразен елемент е цртежот, како „портретираните сеќавања“ на Јана Манева-Чупоска, цртежите на Валтер Праташ, инспирирани од водите на Атлантикот кај Азорските острови, црно-белите графики на кои се гледаат животински глави на Павел Целкоски, графиката „Долината на соништата“ со структура од отворени ќелии на Зоран Мише, како и новите графики со „белешки“ на Иво Пецов. Се среќаваат и такви кои говорат главно преку бојата и линијата, при што создаваат една форма на поетичност, тоа може да се види на делата на Беди Ибрахим. Апстрактни се контрастните пробиви во спомени насликани врз платната на Марјан Ѕингаров, колористичките хармонии и потрагата на пејзажни траги во делата на Дејан Иванов – Маргуш. Тука се сликарските визии „спуштени“ во момент на медитација и одразени врз творбите на Перица Георгиев – Пепси. Сликарските формати со налик на телевизиски или компјутерски екран, во кои се одигрува драмата на смислата се на Свилен Стефанов. Фотореалистичното сликарство и фотографските портретни творби се на Росен Тошев. Играта со светлината на созополското и балканско сонце се отпечатила во цијанотипиите на Рикардо Кварежма Виејра, а Гордана Вренцоска се инспирирала од фолклорот и историјата на уметноста за создавањето на нејзините дигитални графики. Тука е и новиот дигитален триптих, на кој е предаден моментот на избледувањето на реалноста и нејзиното претворање во етерични слики од сонот на Маријана Иванова. Момчил Мирчев ги бара сензибилните состојби во тридимензионалната скулптура, а Золтан Ференц во своето видео се изразува преку движењето на сивите речни води.

Нашето творештво во голема мера е огледало на животот, таков како што сите го гледаме денес – без единствена естетичка насока, со голема разновидност на гледиштата, мислењата и осетите за убаво и значајно. Споменатото природно ја пораѓа и потребата од изразување со различни видови техники на визуелната уметност, а тоа е причината во оваа селекција да не се обележани ограничувања од овој вид.

Видот на секоја една од нашите изложби во минатото е различен. Оваа сега е уште една нова визија за нас самите. Времето нѐ променуваше, а ние ги остававме нашите отпечатоци врз материјалот со којшто работевме, за да разбереме колку не сме истите, коишто бевме порано. Колку и да се обидуваме да се сместиме во некакво конкретно разбирање за нашата исклучителност, да се диференцираме како непроменлива константа, толку повеќе ќе го погубуваме животот и неговиот основен квалитет – неговата игривост. При организирањето на овие уметнички настани ги баравме обединувачките црти на хуманото од длабочините на творечкото единство, она кое ги исчистува сите вештачко создадени линии на поделба и аномалии во здравјето на човештвото, вели кураторот д-р Иво Пецов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.