Во продукција на Факултетот за работи што не се учат (ФРУ), а во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“ поддржан од ЕУ, од 27 до 29 јуни во Музејот на Македонија ќе се одржи меѓународната изложба и симпозиум „Куќата што се распаѓа“.
Како што соопштија организаторите, изложбата и симпозиумот „Куќата што се распаѓа“ нашироко говорат за политиките на просторот и промените во градовите во однос на интересите на различните структури на моќ, односот кон заедничкото наследство, како и идентитетот на колективноста и грижата на градовите – заедничка и меѓузависна.
Изложбата која ќе биде отворена вечер е резултат на заложбите на тројца уметници – Вини Хербстајн од Глазгов/Амстердам, Филип Јовановски од Битола/Скопје и Ану Вахтра од Талин, а е курирана од Ивана Васева од Скопје.
За изложбата сите уметници ја прифатија улогата на деколонизирачката шетачка, со тринеделни резиденции во Скопје, користејќи ги шетањето и критичкото набљудување како алатки за истражување на овие специфичности.
Како што е најавено, на вториот ден од настанот, на 28 јуни во петок, ќе се одржи предавање од Ола Хасанaин од Картум/Амстердам, која низ нејзините уметнички истражувања примарно се фокусира на просторна писменост преку идејата за „просторот како дискурс“. По предавањето, ќе следи дискусија со Марјока де Гриф и Анастасија Пандиловска од Амстердам, од организацијата „Suns and Stars“ и Ивана Васева од Скопје која е кураторка, истражувачка и програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат, кокуратор на АКТО фестивалот за современи уметности и куратор во Музејот на современа уметност во Скопје.
Вториот ден од настанот ќе се заокружи со селекција на филмовите Ингел Ваикла – „Папагало, колку е часот?“ и „Јас, исто така, гледам“ Феликс Мелија – „Пари за ништо“. По филмовите ќе следат куси разговори со уметниците Ингел Ваикла и Феликс Мелија. Ќе се одржи и проекција на филмот на Харун Фароки – „Создавачите на светските пазари“ и „Во споредба“.
Филмовите ги комбинираат темите за јавен и приватен простор, подвижните тела меѓу цврстите ѕидови и начинот на кој ги перципираме, се движиме и живееме во нашите средини.
На третиот ден од настанот, 29 јуни, во сабота, ќе започне „Градот е јавност“ – колективна перформативна проба/обиколка низ градот Скопје со водич како дел од Лабораторијата за перформативно просторно истражување „Градот како сцена“, како дел од Архитектонскиот факултет во Скопје. По него следува јавната рефлексија на идното сценарио за театарска претстава за градот во Музеј на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.