Комисиите ја направија распределбата на средствата предвидени во секоја програма единствено врз основа на критериумите и мерилата за оцена на проектите содржани во Годишните конкурси кои беа претходно и јавно објавени и им беа познати на сите апликанти, рече министерката за култура на денешниот брифинг со новинарите.
Таа посочи дека никогаш членовите на комисиите кои одлучувале по програмите на годишниот конкурс за финансирање проекти во културата не биле јавно и транспаретнто објавени.
Овој пат беа објавени кога заврши конкурсот за да не бидат изложени на влијанија и ургенции.
Ниту еден од овие критериуми нема партиски предзнак. Срамно е политички да се жигосуваат и дискфалификуваат колеги и уметници заради партиски задачи. Тое не е во ред, истакна Бисета Костадиновска-Стојчевска.
Оваа хајка против авторите и уметниците кои добија поддршка за своите проекти од Годишниот конкурс за проекти од културата предизвикал негативен ефект и некои од нив веќе најавиле дека ќе се откажат од реализацијата на нивните замисли заради недоличниот притисок на кој се изложени во јавноста.
Осврнувајќи се на поддршката на одредени фестивали дека не се доволно или, пак, премногу се поддржани, Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека поддршката произлегува од самата апликација и од понудената содржина.
Еден од критириумите за поддршка е одреден настан или манифестација да има долгогодишна традиција. Ќе напомнам дека досегашниот носител на манифестацијата „Рацинови средби“, Општина Велес, за првпат по 60 години не аплицира, туку делегира овластување на ново Здружение на граѓани кое во своето портфолио нема искуство од организација на ваков тип настани, наведе Костадиновска-Стојчевска дополнувајќи дека не е јасно зошто самите тие одлучиле да ја сведат традицијата на Општина Велес во организацијата на оваа манифестација на организација која нема такво искуство, што е дел критериумите на Министерството за поддршка на традиционалните вредности.
Како спротивен пример, Костадиновска-Стојчевска на брифингот нагласи дека таквата поддршка продолжува за многубројни значајни манифестации со повеќедецениска традиција,како што се „Струшки вечери на поезијата“, „Охридско лето“, „Илинденски денови“, театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, „Скомрахи“, „10 дена Крушевска Република“, „Смилевски конгрес“ и други.
Во однос на поддршката на институции и автори од другите градови во државата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска укажа на фактот дека оваа година е обезбеден поголем буџет со кој единиците на локалната самоуправа ќе реализираат значајни инфраструктурни проекти преку кои ќе се подобрат условите за остварување на културата во различни региони.
Преку капиталните дотации за културата придонесуваме за рамномерен развој на општините, за развој на сите региони во државата, за инвестирање во културата која ќе ги поттикнува младите на креативност и творештво. Преку подобрување на условите за реализација на проекти од културата, помагаме за афирмација на културните вредности на секоја општина, со акцент за создавање интегриран простор за младите и поврзаност низ целата држава, информираше Костадиновска-Стојчевска.
На младите уметници од сите градови во земјата им овозможуваме еднаков пристап до финанасиските средства за поддршка на проекти од културата и тоа само врз основа на критериумите.
Нема да им ги ускратиме можностите да создаваат во земјата. Јавното жигосување на уметници затоа што биле од Битола, или Тетово, Гостивар, Куманово… не е во ред“, потенцираше министерката за култура.
Во однос на обвинувањата дека со пари на граѓаните од Македонија се финансираат фестивали во Приштина или Тирана, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека станува збор за поддршка на учество на наши театарски ансамбли во Албанија или Косово на фестивалот „Мојсиу“.
На брифингот со новинарите беа и претставници на овие театри кои потврдија дека средствата добиени од годишната програма се за нивното учество на фестивалите, а не за организаторите на тие манифестации.
Шкељзен Пајазити, претседател на фестивалот „Меридијани“, кој оваа година се одржува по осми пат и кој наместо 6 милиони денари доби 1,4 милиони денари, на брифингот рече дека тие како организатори нема да се откажат од организација на овој меѓународен фестивал кој трае 3 недели и на кој гостуваат театарски и балетски ансамбли, како и музички уметници и хорови од повеќе европски земји и од САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.