Едно од ретките нешта што не може да се купи со пари е времето. Но, затоа парите ги „купија“ временските услови, а данокот што сите го плаќаме се климатските промени – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето онлајн обраќање во рамките на настанот на високо ниво  „Влијанијата на климатските промени врз културното и природното наследство во Југоисточна Европа“, кој се одржа во рамките на грчкото претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска изрази загриженост поврзана со истражувањата на Европската комисија за климатските промени и нивното влијание врз Европа според кое, најпогодени, со екстремни временски услови и пораст на температурите од 3 до 7 степени, ќе бидат земјите од регионот на Југоисточна Европа, регион кој ги опфаќа нашите држави.

Како претставници на едни од најхуманите ресори во нашите влади, додаде таа, должни сме постојано да алармираме за разорните последици од климатските промени.

Сакам да нагласам дека во екот на светската пандемија од КОВИД-19, мојата Влада трипати го зголеми буџетот за заштита на културното наследство и отвори нова буџетска линија за итна интервенција на културното наследство во опасност. И сега, кога сите ги прекројуваме буџетите, принудени од познати причини и непозната иднина, ние остануваме посветени на заштитата на културното наследство свесни за неговата непроценлива цивилизациска вредност“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Во тој контекст, министерката за култура ја истакна важноста од регионална соработка, потенцирајќи ја притоа соработката со Европскиот центар за византиско и поствизантиско наследство во Солун за заштита на црквата во Курбиново од 12 век, која е на тентативната листа на УНЕСКО, како и соработката со Република Албанија за заштита на Охридскиот Регион кој е впишан на листата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство со исклучителна вредност.

 

Според Костадиновска-Стојчевска, сѐ повеќе се зголемува бројот на културни добра во опасност. Ако кон сите слабости се додаде и разорниот момент на климатските промени, додаде таа, неопходна е заедничка мобилизација за соработка со УНЕСКО и со меѓународната заедница.

 

Флексибилниот механизам и мапирањето на слабостите се добри алатки за превенција преку размена на информации, искуства, сознанија, процена на ранливоста, проекти и програми за преземање навремени адаптациски мерки – порача министерката за култура.

 

Домаќин на настанот на кој учествуваа министри за култура, за туризам и за животна средина од земјите од регионот, како и претставници од УНЕСКО и други организации, беше Министерството за надворешни работи на Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.