1. 8Четвртиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината, ќе биде отворен до први септември 2022 година. На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, можат да конкурираат сите необјавени романи наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма во „Word“ или во ПДФ-формат на електронската адреса pegaz@arslamina.com.

Ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија, составена од реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачот, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.
Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде објавен најдоцна до крајот на оваа година.
Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Наградата се доделува од 2019 година.

На минатогодишното, трето издание на наградата „Пегаз“, пристигнаа 44 ракописи, а првото место го освои романот „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков. Во 2020 година, од пристигнат 61 ракопис, првото место го освоија Љупчо Петрески со романот „Лазарка“ и Владо Јаневски со романот „Мртвите знаат најдобро“. Во 2019 година, пак, на првото издание на „Пегаз“, пристигнаа 77 ракописи, од кои жирито за најдобар го прогласи романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.