Во рамки на 43-тото издание на манифестацијата „Скопско лето“ ќе се одржи концерт на трио „Нови Сад“, Србија, вечерва во 20.30 часот во Музејот на македонската борба.

Новосадската тројка составена од тројца истакнати новосадски уметници Ксенија Мијатовиќ Кором (флејта), Вероника Антуновиќ Мариќ (обоа) и Слободанка Стевиќ (пијано).

Заедничката љубов кон камерната музика ги поттикна да го формираат овој камерен состав во 2013 година, а оттогаш одржуваат концерти во Србија (Нови Сад), но и во странство. Се издвојуваат концертните турнеи во северна Италија во 2016 година (Удине, Падова), 2017 година (Удине, Малборгето) и 2019 година (Венеција).

На репертоарот на овој камерен состав се дела од различни стилски епохи, со посебен акцент на изворно напишаните дела за овој ансамбл. Во мај 2022 година одржаа два концерта во рамките на програмата Нови Сад – Европска престолнина на културата, програмската арка Хероина, а под покровителство на Фондацијата Нови Сад 2021 година. На концертите беше промовирано творештвото на женските композитори, во изведба на жени изведувачи, со посебен осврт на соработката со светски реномираната композиторка Александра Вребалов. Трио Нови Сад е многу гордо на соработката со младиот композитор од Бања Лука, Давид Мастикос, кој своето дело Behind truck… го посвети на овој камерен состав.

Билетите ќе бидат во продажба со цена од 200 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.