Познатата Британска библиотека (British Library) и Подрачното одделение на Државниот Архив во Битола, ќе ја скенираат и обработуваат фотографската граѓа на Браќата Манаки во сопственост на Државниот Архив на Република Македонија. Ова значајно и огромно македонско културно богатство, кое денес се третира како загрозена архива, по процесот на дигитализиација, ќе биде online поставена на платформата на Британската библиотека во програмата за загрозени архиви (Endangered Archive Program). Британската библиотека ќе биде задолжена за официјална промоција и презентација на фотографскиот фонд на Браќата Манаки пред светот, а не надлежните македонски институции кои, по логика на нештата, треба да бидат носители на ваквите активности, објави на својот фејсбук прифил Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

Единствената назнака на сајтот на Британската библиотека (согласно останатите дигитализирани проекти), ќе биде информацијата дека оригиналните материјали се чуваат во Државниот Архив во Скопје, поточно во Одделението на Државниот Архив во Битола, додека со целокупниот дигитализиран материјал кој е од огромно значење за македонската историја и култура ќе „стопанисува“ прочуената British Library?!

Затоа, Комисјата за култура на ВМРО – ДПМНЕ прашува: Зошто државата дозволи во последниве пет години фотографскиот фонд на Браќата Манаки да стане загрозено културно наследство и да ги „украсува“ странските институции, но не и нашите? Зошто се дозволува други странски инстутуции со грантови да се фалат и китат со македонското културно и историско богатство? Зошто македонското културно и историско наследство треба да го обработуваат и презентираат странски институции? Зошто пред очите на македонската и на светската јавност ќе се прикажеме како држава која е неспособна да се грижи, да го негува и да го презентира своето наследство?

Иако Министерката за Култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, која при својата посета на Подрачното архивско одделение во Битола, со цел увид во фондот на Браќа Манаки, изјави пред јавноста дека овој фото-архив на браќата Манаки треба „да биде прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење“, денес го доживеавме спротивното. Ниедна македонска инстутуција на чело со Државниот Архив, не само што не успеа соодветно да го обработи и презентира фото фондот на Браќата Манаки, туку им успеа да го дадат на странски институции „под кирија“, за да се грижат и фалат со истиот, благодарение, пред сè, на неспособноста на Државниот Архив на Република Македонија.

Прашања за директорот на Државниот Архив, Емил Крстевски: Бугарска ли е иницијативата (на Бугарскиот државен архив), за добивање грант и целосно „изнесување“ на фондот на Браќа Манаки? Зошто Бугарија токму во овој период е заинтересирана за овој фонд, ако се земат предвид зголемените контакти и изложби на фотографии на Браќа Манаки во Софија во организација на двата Државни архиви, а по барање на бугарскиот архив, како и зачестените директорски средби меѓу Емил Крстевски и Михаил Груев, директорот на ДА – Софија? Кој стои зад оваа акција за пластично прикажување на нашата неспособност да се грижиме за сопственото благо? И, за крај, кому токму сега му треба ова визуелно парче од македонската историја?

Ваквата поразителна состојба во македонските институции е срам за државата. Нашите целокупни заложби и вграден минат труд со кои ги одржувавме и зацврстувавме културните темели на македонската државност, денес, вашата негрижа сериозно ги урива!, велат од Централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.