Уверена сум дека ќе имаме нови грижници и нови љубители на јазикот коишто ќе се обидат да направат формат којшто ќе го доближи чистиот, убавиот, креативниот, македонски јазик не само до нив како генерација туку и од оние коишто доаѓаат по нив, кажа вчера научната соработничка Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература при УКИМ на панел-дискусијата „Зборообразување – нови димензии на македонскиот јазик“, на која главен фокус беше зборообразувањето како главен начин за креативно збогатување на македонскиот јазик.

Трибината се одржа вчера во Музејот на македонска борба и самостојност, по иницијатива на двајца Зборци, Игор Антов и Виктор Бучковски.

На отворањето на панел-дискусијата, Антов посочи дека процесот на зборообразување е клучен за збогатување на македонскиот јазик и поставувањето на современите темели.

Се надевам дека заедно ќе успееме да ги поставиме современите темели на еден клучен процес за збогатувањето на македонскиот јазик, процесот на зборообразување. Убавината на зборообразувањето се отсликува во самиот збор, составување на два различни зборови се со цел да се добие збор со ново значење. Самата можност за креирање нов збор со ново значење, не само што се повикува на креативниот дел од секој од нас, туку ја рефлектира и нужноста за креирање на се уште несоздадените зборови за модерните феномени, рече Антов.

Нивото на секојдневниот говор, Антов вели е одраз на нивото на развојот на општеството, посочувајќи на агилноста и прецизноста на германскиот јазик како одраз на германскиот систем.

Игор Антов и Виктор Бучковски

Прашањето е што одразува секојдневниот македонски јазик или поидеалистичкото прашање би било што може да одразува — шаренило, длабоко разбирање и поврзаност или нешто трето, вели Антов.

Според него, оптимизмот е пригушен од сѐ поприсутната апатија во македонското општество, а како што рече, тоа е пречка во развивањето на македонскиот јазик и свест.

Една од главните идеи на настанот е возобновување на македонскиот оптимизам, може ќе си речете дека сето ова е малку пооптимистичка цел. Оптимизмот кај нас изгледа пригушен од се поприсутната апатија, процес кој истовремено пречи во развивањето на македонскиот јазик, а преку него на македонската свест. Цитатот од великанот Коневски укажува токму од неопходноста од негување на македонскиот јазик и потребата од негово развивање заедно со модерната држава. Јазикот може да биде духовната образувачка сила во нашето општество, но само ако дозволиме, рече Антов.

Ќупева кажа дека можеби е единствената во салава на којашто ѝ се случува реализација на врвниот идеал, а тоа е ученикот да го надмине својот учител.

Поканата на Виктор и особено сега кога тука ги гледам Илина, Теодора, Стефан и еден куп познати луѓе, а особено ученици, сфатив дека ова е всушност денот кога човек, кога бил во настава и работел со млади луѓе толку многу години, веројатно е дека посеал нешто, оставил нешто што сега се случува и го имаме пред нас како една одлична иницијатива. Поканата и идејата на Виктор беше навистина потврда дека има надеж, има генерација која како никулец изникна од никаде во ситуација кога сите помислуваме дека сме уморни од иницијативи коишто би значеле дека нешто ќе се придвижи, рече Ќупева.

Според Ќупева, оваа генерација на која ѝ припаѓа Виктор и сите околу него навистина се генерација која ќе го крене знамето на една нова грижа за јазикот затоа што тие се ментори и лидери на генерација којашто доаѓа по нив.

Генерацијата „алфа“ се деца коишто се родени по 2010 година. Тие секако се разликуваат од генерација на Виктор. Оваа генерација која ја имаме овде, за среќа, имаше едно свое искуство кое што беше надвор од виртуелизација на светот во којшто живеат. Но, новата генерација „алфа“ најмалите се оние со кои што оваа генерација ќе има многу работа или барем ќе се обиде да им помогне, да им го доближи јазикот во борба со дигиталната интелигенција со која што се соочени секој ден. Виктор и неговата верна дружина имаат ковчеже од идеални креативни решенија за зборови коишто навистина кога ќе бидат пуштени во јавност можеби ќе го поминат и тестот на времето. Јазикот се менува и треба да бидеме свесни дека сите треба да учестувавме во тој процес на начин и со постапки коишто доаѓаат од неколку сектори. Но, кога зборуваме за младите, единствениот начин, единствената грижа и нега е токму нивната култура, музика особено разни стилови во музиката. Има бендови коишто пишуваат текстови на еден убав. чист македонски јазик којшто ја потенцира уште повеќе неговата мелодичност, кажа Ќупева.

Славица Велева, професорка по предметот „Зборообразување” на Филолошкиот факултет при УКИМ, кажа дека суштината и убавината на зборообразувањето не е само во системноста, туку за да се искреира збор буквално е потребно креативност и да се чувствува зборот, да се чувствува потребата од зборот.

Професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ говореше за избори и правци за зборови коишто веќе постојат и коишто се веќе заборавени или непознати, а можат да послужат и да влезат во нашиот јазичен фонд и да го збогатат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.