Со изложби, работилници, концерти и раскажување маалски приказни, второто издание на Маалски фестивал во организација на КСП Центар Јадро ќе се одржи на 22, 23 и 24 септември.

Првиот ден од фестивалот неофицијално ќе започне со „Работилницата за све и свашта“ – работилница за изработка на урбана опрема под водство на Никола Писарев во Монтажната/Мобилна галерија во Паркот на Франкофонија.

„Со почеток во 12 часот напладне, комшиките, комшиите и сите заинтересирани, ќе ја добијат можноста да изработат куќички за улични животни, корпи и клупи „за у маало“ и со тоа да ја разубават околината во која живеат“, велат од КСП Центар Јадро.

Истовремено, во ОУ „Коле Неделковски“ – Општина Центар, интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешоски и визуелната уметница Ана Трајковска заедно со учениците рачно ќе изработуваат костими од картони.

„Внимание, внимание, дебармаалските улици под опсада! Роботи, пеперутки, самовили и чудовишта… Работилницата на Нешоски и Трајковска ќе се заокружи со Детска Парада на картонски костуми. Децата учесници – заедно со уметниците ќе се прошетаат низ маало носејќи ги изработните и на минувачите ќе им го покажат шаренилото на детската перспектива, велат организаторите.

Крајната дестинација на нивната прошетка ќе биде КСП Центар Јадро, каде пак ќе биде откриен новиот мурал на фасадата на културно-социјалниот простор, овојпат изработен од турските уметници Белкис Аксу и Мурат Калвакан, насловен „И ние сме од Скопје“. Аксу и Калквакан се преселени и подолго време живеат и работат во Скопје.

„Составен од малечки чкртки (doodles), муралот ги пренесува искуствата на преселените уметници во Скопје и преку смешни приказни раскажува за секојдневието на македонското поднебје“, посочуваат од Јадро.

Во седум часот, во просториите на Центар Јадро, ќе биде отворена изложбата „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“. Насловена според истоимената работилница за креативно пишување за млади, под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска, на изложбата ќе се споделуваат и разгледуваат фанзини, оргининални визуелно-текстуални дела на младите учесници и слики од книжевни ликови изработени со вештачка интелигенција. Едноставно, изложбата ќе биде книжевен бал.

„Во соработка со уметниците Дарко Алексовски и Јован Јосифовски, книжевничките Смилевска и Бошковска, менторираа млади за пишување и визуелно оживување на книжевните ликови. По приказните напишани за ликовите, учениците изработија и мали книгички (фанзини) кои споделуваат кирилица надвор од рамките на дигиталното објавување и комерцијалното издаваштво“.

За време на изложбата ќе се обратат директорот на КСП Центар Јадро, Ѓорѓе Јовановиќ и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Првиот ден од фестивалот ќе биде заокружен со диџеј сетовите на Горан Костовски (in.dog) и Мартина Пенева.

Вториот ден од фестивалот, 23 септември (петок), ќе биде одбележан со работилници, маалски Арт Базар, поетско читање, танцова точка, раскажување маалски приказни, кино проекции и театарска претстава.

Во Паркот на франкофонијата, ќе се одвива вториот ден од работилницата „за све и свашта“, а паралелно на истата локација, ќе се одвива и еднодневната работилница за изработка на чуднозвучни инструменти под менторство на Тома Димовски.

Од 12 часот попладне, жителите на Дебар маало и случајните минувачи ќе добијат и свој Арт Базар, на ул. Ленинова, пред ОУ „Коле Неделковски“, каде ќе бидат изложени книги и рачни изработки.

Од 12 и 30 часот, Дебар Маало ќе биде и под опсада од млади поети. Шетајќи низ пазарот Буњаковец, дебармаалските улици, а посетувајќи ја клупата на Горан Стефановски и езерцето во Градски парк, младите поети, вооружени со своите стихови и мегафони, ќе го очудат денот на пазаџиите, дебармаалците, соседите и случајните минувачи.

Во свежиот културен центар „Оз“ на ул. Илинденска, со почеток во 18 часот, ќе започне проекција на кратки документарни филмови. Прикажаните филмчиња се во авторство на учесниците од работилницата за аматерски филмови „Око“, под менторство на режисерката Марија Џиџева и Риџет Ферати. Нивната работилница беше фокусирана на дијалог и опсервација, со деца од „Колектив ветерница“.

Дополнително, во „Оз“ ќе биде прикажан и филм од работилницата на КСП Центар Јадро – „video_workshop.mov“, под менсторство на Денис Сарагиновски, на авторот Филип Волкан, како и кратки филмови во авторство на Мила Гроздановска.

Вториот ден од Маалски фестивал ќе биде заокружен со театарската претстава „Пратеникот“ во продукција на Интимен театар – Битола. „Пратеникот“ ќе започне во 20 часот во КСП Центар Јадро.

Претставата е по текстот „Народен пратеник“ на Бранислав Нушиќ и документарни материјали, а ја обработува љубовта во време на либерален капитализам.

„Пратеникот“ е во режија на Софија Ристевска Петрушева, а актерската екипа ја сочинуваат Катерина Аневска Дранговска, Валентин Дамчевски и Борис Богдановски. Композитор е Александар Талевски, а костимограф на претставата е Валентин Дамчевски.

Гентрификација не, Гевгелија да! Третиот и последен маалски фестивалски ден, 24 септември (недела), ќе биде во знак на латиномакедонските културни работници од гевгелискиот фестивал БОШ, кој годинава слави јубилеј од 15 години постоење.

Во 18 часот во КСП Центар Јадро, ќе биде промовирано цедето „Срча“ по повод јубилејот на фестивалот БОШ. По промоцијата ќе следува и изложба на стрип-табли од графичката новела „Зомбиленд“, авторство на уметникот Горанд Дачев и текст на Емил Алексиев.

Второто издание на Маалски фестивал се затвори со музички настап на „Mammoth & Yashem“, експериментално музичко дуо, а понекогаш и квартет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.