Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе-бар „Нагоре“ во Струмица, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, на 24 февруари 2024 година, во 21 часот, ќе ја отворат изложбата на дигитални дела насловена „Премостувања“ на проф. м-р Стефан Јакимовски.

– Стефан Јакимовски е графички дизајнер и визуелен уметник кој во зависност од процесот и потребата создава ангажирани дела, наменски или пак ослободени, неформални, артистични. Едните прецизни и коректни, тематски, во кои може да се види тој препознатлив графички ракопис на уметникот, и тоа не само по дефиниција, додека другите, вторите – слободни, недефинирани во својата експресија, си играат симболично со формите и перспективата.

Тој создава приказни, како што е насловена една од неговите изложби, а со „Премостувања“ прави артифицијално дигитално поврзување на дел од неговите дела кои навидум немаат поврзувачки точки. Изложбата „Мостови“ од 2016 година е само предвесник на плакатите, од една страна, и уметничките графички решенија, од друга страна, кои ја формираат оваа неконвенционална серија „Премостувања“.

Стефан Јакимовски е уметник кој е препознаен на домашната и светската сцена по своите награди и признанија, но вистинска награда за секој љубител на уметноста е да се погледнат неговите дела и на момент да се побегне, премине, премости во неговите дигитални универзуми, каде успешно жонглира со темите кои го окупираат секојдневно – напиша Митко Гогов во освртот кон изложбата со наслов „Визуелната динамика и интерактивност во микрокосмосот на Стефан Јакимовски“.

Проф. м-р Стефан Јакимовски (1982) по завршување на средното образование се запишува на Факултетот за ликовни уметности, ФЛУ – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на оддел графика (насока графички дизајн) во класата на проф. м-р Димитар Малиданов. Кај истиот професор завршува и постдипломски студии во 2008 година на тема „Мултимедијален пристап во графиката (Графичкиот израз и мултимедијалното дизајнирање и проткајување на ликовните медиуми)“.

Активен член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), Друштвото на ликовни уметници на Куманово (ДЛУК), Фотокино клуб „Козјак“ и Интернационалната дизајнерска асоцијација ЦЕИДА (CEIDA). Тој е редовен професор на Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ-ФОН – Универзитет и основач на катедрата за графички дизајн на истиот факултет.

По покана одржува гостински предававања на Балкански универзитет – Скопје, Универзитет „Мајка Тереза“ – Скопје, но и научно-истражувачка посета на ИТ-Универзитет во Копенхаген – Данска, оддел за дигитален дизајн. Предава предмети од областа на графиката, графичкиот дизајн, типографијата, плакат, корпоративна комуникација и друго.

Автор е на многу графички решенија и учесник на меѓународни конкурси, симпозиуми и изложби. Има реализирано седум самостојни изложби и учествувал во над 50 групни изложби во земјата и надвор. Добитник е на домашни и странски награди и признанија. Јакимовски е член на повеќе стручни комисии, рецезент на книги за средно стручно образование и ментор на наставни и вон наставни проекти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.