Изложбата „Паралелни светови“ на фотографот Денис Јагџи вечер ќе биде отворена во објектот Сули ан, во Старата скопска чаршија, со почеток од 19 часот. Ова е втора самостојна изложба на Јагџи.

Во современиот технолошки галамтијас живееме со крупни чекори и со ширум отворени очи и гради, прифаќајќи ги придобивките и предностите од новите цивилизациски изуми, а не размислувајќи, ниту пак осврнувајќи се на жртвите кои ги принесуваме прифаќајќи го „данокот“ на новата технократска доба. Побргу комуницираме, виртуелно споделуваме информации со еден клик, работата ни ја олеснуваат разновидни помагала, а ние наместо да ги зачуваме вредностите кои се суштина на егзистирањето, стануваме робови на самите технолошки помагала кои треба всушност да ни го „олеснат“ животот. Зависноста која ја создаваме кон нив не претвора во маѓепсани марионети кои колективно „влегуваат во матриксот“ на хибридниот медиумско-платформски пејзаж и комплетно ја менуваат когнитивната перцепција на нормалното хуманистичко функционирање, вели Јагџи.

Тој обработува еден сегмент од ваквата реалност, создавајќи инсценирани и мрачни техничко-електронски паноптикуми, како своевидни „стаклени кутии“, во кои вгнездува неприродни за средината тела – детски играчки. Јагџи, ги конфронтира овие два света кои се борат помеѓу себе и кои се белег на денешниот социо-општествен хабитус.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.