Наградата „Денес“ за млад визуелн уметник до 35 години во Македонија се доделува по осумнаесетти пат, а доделувањето ќе се одржи на изложбата на тројцата финалисти во националната галерија „Мала станица“ во Скопје на 19 ноември со почеток во 20 часот.
Тројцата финалисти годинава се младите уметници Марко Гутиќ Мижимаков, Јован Јосифовски и Ивана Самандова.
Претставувањето на тројцата финалисти и разговор со жири-комисијата ќе се одржи во 12 часот, а вечерта, во рамки на изложбата, ќе бидат доделени и наградите.
Наградата „Денес“ се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава. Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк, од минатата година во која го одбележа и своето 20-годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции.
„Денес“, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационално жири и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.
По одбележувањето на 20 години „Денес“ во 2023 година, структурата на наградата доби поинаков формат, т.е. се обидува да обезбеди повеќе можности за самите финалисти, продуцирајќи ја наградата колаборативно и понекомпетитивно.
Па така, добитникот/добитничката на наградата добива двомесечен престој во „Residency Unlimited“ во Њујорк во периодот август-септември 2025 година, додека останатите двајца уметници – финалисти добиваат едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, во мај 2025 година и самостојна изложба во просторот или самостојна изложба во Скопје, во 2025 година.
Жирито за наградата е составено од: Ксенија Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште „Art Students League“ од Њујорк, САД, Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во Србија во 2023 година, и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Република Македонија и претседателка на АИКА – Македонија.
Наградата „Денес“ е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година. Намерата на наградата „ДЕНЕС“ е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници.
Од 2015 година наградата локално ја организира здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ), во рамки на фестивалот „АКТО“.
„ФРУ“ оваа манифестација ја организира во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк.
Досегашни добитници на наградата „Денес“ се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.