На 16 мај, 2022, во 20 часот, во КСП Центар-Јадро е отворањето на изложбата „Пикторијализам“ на Јана Луловска и Сашо Алушевски.

На изложбата „Пикторијализам“, Јана Луловска и Сашо Алушевски презентираат триесетина фотографии. Следејќи ги начелата на пикторијализмот (историски уметничкофотографски стил во кој фотографот ја ‘манипулира’ фотографијата за да создаде уметничко дело) изложените дела се ‘меки’ и ‘тактилни’. Изработени во една од постарите и денес ретко употребувани техники, цијанотипија, заедничко за фотографиите на двајцата автори е основната желба нивните дела да ја разбудат имагинацијата на гледачот и да ја прикажат убавината на природата која човекот се повеќе ја занемарува.

Емотивното, сугестивното и монохромниот третман на избраниот мотив се сеприсутни а со изложените дела, Луловска и Алушевски јасно ни покажуваат дека фотографскиот апарат и фотограмскиот колаж се исто толку моќни алатки колку што е и сликарската четкичка, а воедно и дека цијанотипијата и фотограмијата се уметнички техники што можат да ја инспирираат нашата фантазија.

Јана Луловска е мултимедијален уметник. Завршила додипломски студии на Националната Академија за Театарска и Филмска Уметност„Крсто Сарафов”, во Софија, Бугарија, специјализација уметничка и применета фотографија. Имала самостојни изложби во Македонија, Бугарија, САД и учествувала на повеќе групни изложби во Македонија, САД, Бугарија, Грција, Белгија, Италија, Хрватска. Учествувала на интернационални резиденции и креативни работилници во Македонија и странство. Во својата работа Луловска се фокусира на темите феминизам, екологија и природа, слободно изразување/граѓанско општество, психологија, емоционалност, перцепција, свесност, култура, филозофија, наука. Во моментов таа работи на женското наследство, животна средина/екологија и инклузивност.

Сашо Алушевски живее во Скопје, Македонија. Го интересираат формите на експресија. Тотален меланколик. Или сангвиник? Зависи во каков момент ќе го фатите. Внатрешната навигација му се раководи од месечината. Понекогаш фотографира. Прв македонски фотограф кој систематски ги негува благородните фотографски процеси. Во длабока врска со темната уметност- колодиумската фотографија. Вели дека подобро готви отколку што фотографира. Често се наоѓа во контексти на размена на знаења, искуства и вештини. Убеден е дека целата вселена е игра или шега. Животот му е едно фаустовско клише, но тој вели дека е клацкање помеѓу алтер егата на Хомер Симсон и Хаклбери Фин. Се чувствува глупо да пишува за себе во трето лице. Учествувал на над 80 групни изложби во светот и често е наградуван. Имал девет самостојни поставки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.