Поради големиот интерес на публиката, изложбата на Димитар Кондовски, еден од највлијателните ликовни уметници во повоена Македонија уште еднаш се продолжува и ќе трае до 15 септември 2022 година, соопштија од Националната галерија Даут пашин амам.

Ретроспективната изложба беше отворена на 5 мај и ги опфати сите периоди од творечката дејност на Кондовски, чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во македонската ликовна уметност.

Кондовски е роден во 1927 година во Прилеп, а починал во 1993 година во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 година работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што работел до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Објектот Даут пашин амам работи секој ден во неделата, освен во понеделник, од вторник до недела. Влезницата чини 100 денари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.