По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите 18 Мај, во Музеј на Македонија ќе биде поставена изложбата „Гозби за живите, претците, боговите и светците“. Изложбата ќе биде отворена на 18 Мај (среда) 2022 година, во 12 часот.

Гозбите претставуваат посебни оброци по својата природа, како и по количината на храната која што се дели меѓу поширок круг на луѓе. Тие се повод не само за јадење и разговор, туку и за музички изведби, свечени говори, молитви и жртви, политички мотивирани собири и трговии. Гозбите се сеприсутни низ човековата историја, но археологијата неможе јасно да ги дефинира. Оттаму, сознанијата за нив ги бараме во етнографските записи, особено за темите како што се ритуалот, церемонијалната размена и жртвувањето. Така преку денешните ритуали и прослави забележани во нашата традиција, добиваме целосната слика која зборува за многу традиции кои водат потекло длабоко во минатото. Оваа изложба е еден семиотички пристап каде преку јадењето и пиењето како особено моќни медиуми, се опфаќа човековиот живот, неговото битисување во општеството, верувањата и обичаите. Изложбата обработува четири теми преку кои се раскажува приказната за гозбите. Преку прослави кои се врзани за секојдневниот живот на луѓето и ги одбележуваат нивните важни моменти, свадби и крштевки, но и поводи за подготвување на заеднички гозби, како принесување крвни жртви, курбани, погреби и помени. Со тоа се затвора дел од циклусот на животот на човекот. Овој наратив се следи преку повеќе медиуми како музејски предмети, уметнички и документарни фотографии и документарни филмови.

По повод Меѓународниот ден на музеите влезот во Музејот ќе биде бесплатен од вторник 17 до недела, 22 мај годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.