„Изгубениот“ и досега необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес – „Се гледаме во август“, денеска излезе од печат на македонски јазик, истовремено со целиот свет. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а наскоро и во сите други книжевни продажни места.
Десет години по смртта на легендарниот колумбиски писател, книгата излегува од печат на неговиот роденден (6 март), истовремено во повеќе од 30 земји во светот.
Во личната заложба на неговите синови Родриго и Гонзало Гарсија Барча, како и уредникот Кристобал Пера, за вакво синхронизирано објавување на романот, учествуваше и издавачката куќа „Арс Ламина“ од Македонија, која го објави романот во едицијата „Современи класици“ (во која има уште седум други класици од Маркес) – како нов, ексклузивен наслов во превод од шпански јазик на Огнена Никуљски. Со овој издавачки потег, Македонија достојно се позиционираше на книжевната мапа на светот.
Во едицијата „Современи класици“, досега се објавени и класиците „Сто години самотија“, „Љубов во време на колера“, „На полковникот нема кој да му пишува“, „Хроника на една најавена смрт“, „Есента на патријархот“, „Виор од лисје“ и „Генералот во својот лавиринт“.
„Се гледаме во август“ е кус роман напишан во заводлив, фасцинантен и препознатлив стил на Маркес, кој е вистинска химна на животот со многу лица, особено на љубовта со многу опачини.
Секој август, на точно определен датум, Ана Магдалена Бах заминува на островот каде што е погребана нејзината мајка со букет гладиоли. За време на овие патувања, макар на една ноќ, таа станува некоја друга, а нејзиниот внатрешен свет станува сосем поинаков, зашто „да се изгуби ноќта значи да се изгуби една година“…
Иако „Се гледаме во август“ е роман на лик (Ана Магдалена Бах), сепак, во суштината, станува збор за роман за љубовта, за илузијата, за скришното што си го доверуваме само себеси, не претпоставувајќи дека светот однапред го има средено сето тоа како наш запис, императив, како наша „опашка“ на предците, како продолжување на нешто што никогаш и не може да се скине, прекине…
Габриел Гарсија Маркес (1927 – 2014) еден од најзначајните прозаисти на 20 век. Добитник е на Нобеловата награда за книжевност во 1982 година за неговите романи и раскази, во кои фантастичното и реалното се вмрежени во раскошното структуриран свет што ги рефлектира животот и конфликтите на целиот континент.
Кон крајот на својот живот, Гарсија Маркес работеше на овој роман додека истовремено се бореше со деменцијата. Во неговите последни денови и со слабеење на меморијата, тој одлучи дека ова ново дело не треба да биде објавено по неговата смрт, и покрај тоа што го доби неговиот последен знак. Но, сега, десет години по неговата смрт, неговите синови одлучија книгата сепак да биде објавена. Така, „Се гледаме во август“ е неочекуван подарок од Маркес за читателите од целиот свет.
Книгата е достапна во сите книжарници „Литература.мк“, со можност за нарачка онлајн преку www.literatura.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.