Издавачката куќа „Прозарт медиа“, организатор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, со свој штанд учествува на најголемиот Саем на книгата во светот, во Франкфурт. „Прозарт медиа“ е поканета од Саемот на престижната Invitation program заедно со 20 одбрани издавачи од целиот свет.

Саемот на книгата во Франкфурт со оваа покана обезбедува и штанд за „Прозарт медиа“, на којшто издавачот ги претставува своите изданија, неколку македонски писатели, како и фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, а има бројни средби со издавачи од светот. Во рамките на активностите, меѓу другото, основачот и уредник на „Прозарт медиа“, Дејан Трајкоски, се сретна со претставници на Интернационалната алијанса на независни издавачи, по што започнаа преговори за членство на „Прозарт медиа“. Алијансата брои над 800 независни издавачи од 55 земји, а досега нема претставник од Македонија.

Invitation program, пак, е програма слична на онаа што веќе девет години се организира во рамки на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, програмата Скопје Fellowship.

Саемот на книгата во Франкфурт оваа година се врати со полна сила, со голем број посетители и издавачи. Регистрирани се над 4.000 изложувачи од целиот свет, меѓу кои и некои од најголемите издавачи во светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.