Со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио, вечерва, на 3 октомври, во 19 часот во скопското кино „Милениум“ се отвора 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.

На Фестивалот ќе учестуваат повеќе од 450 учесници од осум земји, а настаните во следните денови ќе се одржуваат  во Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 8 октомври. Младите ќе уживаат во филмската магија, ќе дискутираат, ќе креираат уметност, ќе учествуваат на креативни работилници.

Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција и 40-ина краткометражни и анимирани филмови се распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците, односно јуниори (6 до 9 одделение), кадети (I и II средно) и сениори (III и IV средно).

Почнавме скромно пред 12 години и брзо сфативме колку на децата и младите им е важно да имаат ваков фестивал. Младите сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Се радуваме што многу деца пораснаа со нашиот фестивал, продолжуваат да работат на полето на филмот, изјави денеска на прес-конфренцијата Дарко Башески, директор на фестивалот.

Анастасија Јуруковска е дел од организацијата на фестивалот и самата, со големо искуство на „Џифони“ и во Македонија и во Италија.

Една од најважните работи и придобивка на овој фестивал е што младите учат да се почитуваат, учат да не се судат меѓу себе. За мене „Џифони“ е огромно искуство и затоа денес волонтирам и сакам да помогнам да вратам и да им го пренесам моето знаење на новите генерации – изјави Јуруковска.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерот на филмот „Сонце мамино“, Коста Ѓорѓевиќ, кој и пред неколку години учествуваше на фестивалот со неговиот прв филм. Ќе гостува режисерка од Ирска со свој краток филм, а меѓу џифонци ќе биде и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“ ќе биде прикажан во официјалната програма на фестивалот.

Годинава ќе се одржат осум креативни работилници што се реализираат со поддршка на Британскиот совет преку проектот Edu Cuts, RYCO (Канцеларијата за регионална младинска соработка) преку проектот Creative YEES и Институтот за комуникациски студии преку проектот „Младите размислуваат“. Менторите на работилниците се етаблирани режисери, уметници, музичари кои во тек на пет дена со младите учесници ќе работат на развивање на нивната креативност и имагинација.

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории. Ќе се прикажат сите филмови и ќе се изложат сите фотографии, сториборди и цртежи направени од учесниците за време на фестивалот.

Во соработка со „Пакомак“, со цел да се мотивираат младите да бидат повеќе екоосвестени, организиран е предизвик за учесниците на „Џифони“. Тие треба да ги одлагаат пластичните шишиња во вендинг-машините на „Пакомак“ и преку ЕКОМАК апликацијата да собираат поени. Сите собрани поени на учесниците на фестивалот ќе им бидат удвоени, а оној редовен учесник на фестивалот кој ќе собере најмногу поени, како награда ќе добие патување на фестивалот „Џифони“ во Италија.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans, Youth Cultural Fund преку RYCО, Пакомак и др

.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.