Исконска е потребата да се работат регионални проекти. Делиме исти проблеми, ист менталитет, мали се разликите, а ги сакаме тие разлики кај другиот и нè нервираат. Тоа е многу важно за уметноста, вели српскиот актер Милан Мариќ, кој вечерва заедно со Раде Шербеџија ќе играат на сцената на Драмски театар Скопје.
Мариќ, кој е најпознат по улогата во филмот „Тома“ е дел од екипата на претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ од Едвард Олби, а во режија на Ленка Удовички.
Претставата вечерва во 20 часот во Драмски театар го отвора фестивалот РУТА Група Триглав. Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри – РУТА Група Триглав, во која членуваат: Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица.
Мариќ вели дека е повеќекратно задоволството да се работи со актер како Раде Шербеџија.
Јас растев со неговите филмови, тој ми беше пример меѓу актерите како треба да се работи. Првпат се запознавме на сцената, не се познававме од претходно. Тој им дава голема можност на младите актери на сцена, а тоа е одлика само на големите актери. Да ја разбираат младоста, да го разбираат незнаењето и неискуството, да имаат однос кон тоа, да те штити и да те пушти и да знае кога да те врати назад. Само така може да растете, рече денеска Мариќ.
„Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ е претстава работена во продукција на театар Улисис и Београдско драмско позориште, a Шербеџија вторпат игра во оваа претстава. Бил дел од поделата кога пред 30 години ја режирал Душан Јовановиќ, а асистентка на Јовановиќ му била денешната режисерка Удовички.
И да работам и да не работам, сакам да доаѓам во Македонија. Сакам да сум тука, имам многу пријатели и секогаш сакам да доаѓам во Скопје. Еден од моите први концерти ги одржав тука, на оваа сцена на Драмски и многу одамна, во седумдесетите играв една претстава, не се сеќавам која. Чувствувам посебна возбуда за вечер, бидејќи ќе играм на сцената на која играле едни од најдобрите актери во поранешна Југославија. Драмски театар од Скопје го имаше тој имиџ. Мојата генерација се Ненад Стојановски, Мето Јовановски, Горан Стефановски, Слободан Унковски и за мене ова има посебно значење, рече Шербеџија.
За Шербеџија уметноста е жива материјата.
Но, театарската е пожива, бидејќи таа постојано живее. Кај филмот, тоа е момент, снимен си. Но, во театарот твојата улога е стално жива. И таа се менува. Затоа таа е толку драгоцена и фантастична, вели Шербеџија.
Удовички потенцираше дека смислата на уметноста е да ги спојува луѓето, да се разменуваат креативни енергии.
Многу е важно и скапоцено што се воспостави оваа соработка со Рута фестивалот. Секаде каде што се оди, интересот е многу голем. Сите и приватно и професионално ја подрржуваме оваа соработка која треба да се развива и понатаму, рече Удовички.
В сабота, на 15 октомври, во 20 часот во Драмски гостува Београдско драмско позориште со претставата „Диво месо“ по текстот на Горан Стефановски, на режисерот Јагош Марковиќ.
Македонскиот режисер Александар Поповски доаѓа со претставата „Хероини“ по Овидиј од Месно гледалишче Љубљана (16 октомври), а Градско позориште Подгорица на 17 октомври со претставата „Коњите убиваат, зар не?“ во режија на Кокан Младеновиќ.
Комедијата „Мирна Босна“ во изведба на Камерни театар 55 од Сараево е на програмата на фестивалот на 18 октомври. Режисер на претставата е Саша Пешевски.
Затворањето на фестивалот е со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје на 19 октомври, на режисерката Зоја Бузалковска.
Картите за сите претстави се распродадени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.