Сè повеќе и повеќе интелектуалната сила на Македонија е повлечена намерно од една страна, а од друга страна е нападната од таа булумента на агресивност и дивјаштво којашто царува во моментов во Македонија, вели актерот Ѓорѓи Јолевски (59), кој го толкува ликот на Павел Кирилич Лебедев во драмата „Иванов“ на Антон П. Чехов чија премиера е закажана за вечерва, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ). Режијата и адаптацијата на „Иванов“ е на Зоја Бузалковска, а преводот од руски јазик е на Драгица Најческа.

„Иванов“ е првата поставена претстава на Чехов. Праизведбата била во 1887 година во театарот „Корша“, по која авторот направил корекции на текстот и неколку верзии, од кои најголемата промена била во доменот на жанрот – од комедија во драма – за изведбата во Александрискиот театар. Нејзиниот успех се должел на тоа што се однесувала на актуелните проблеми на руските интелектуалци во осумдесеттите години на 19 век. Според театролозите, во руската театарска и литаратурна критика не постои лик што предизвикал толкав број расправи, спорови и интерпретации како Чеховиот Иванов.

Јолевски: Oва е мое прво влегување во убавината на Чехов, прекрасен автор во кој сум вљубен до уши. Фото: Александар Ивановски

Нашиот „Иванов“ зборува за судбината на интелектуалецот во ова време-невреме. За немоќта да се справи со простотилакот на општеството, со вулгаризацијата на сите заложби за враќање на вистинските вредности. Тоа е претстава за човек подјаден од едно општество на меди- окритети, самозадоволни, самобендисани, просечни и потпросечни, богати, влијателни личности, чија единствена опсесија во животот се евтината забава, трачот, високата мода, форсирање на ес- традата и непрепознавање на квалитетот, но кои го диктираат општиот однос, точка на гледање „читање“ на „вредносните“ системи. Општество каде што просторот за оној кој има капацитет и потенцијал е максимално стеснет, до степен на задушување. Претставата зборува и за лихвар- ството и материјалното ропство, за маргините и за мејнстримот, за општеството без идеали и за бесперспективноста на човековите напори да создава и да менува, вели режисерката Бузалковска во драматуршко-режисерката белешка.

Јолевски, во интервју за „Република“ говори за местото на интелектуалецот во Македонија, што е она што го натерало така да се однесува, за проблемите со кои се соочува. Говори за Лебедев, ликот кој го толкува во „Иванов“ и карпата, која актерот се обидува да го претвори во своја планета или во свој космос.

Јолевски: Се поставува таа дилема на интелектуалецот дали ова повлекување е добро, бидејќи сепак, ние сме социјални битија. Фото: Александар Ивановски

Каде е местото на македонскиот интелектуалец денес? 

ЈОЛЕВСКИ: Интелектуалецот во Македонија е исфрлен од центрифугата на политиката, бизнисот и мафијата, ставен е во ситуација доколку го кажува тоа што го мисли, да биде атакуван од една страна, а од друга страна ниту еден чесен и умен човек не сака да биде нападнат без причина и вознемирен, ниту тој или таа, ниту пак неговото семејство. Сè повеќе и повеќе интелектуалната сила на Македонија е повлечена намерно од една страна, а од друга страна е нападната од таа булумента на агресивност и дивјаштво којашто царува во моментов во Македонија. Се поставува таа дилема или моралното прашање на интелектуалецот дали ова ретерирање, повлекување е добро, бидејќи сепак, ние сме социјални битија и живееме во одредена заедница и дали заедницата губи со тоа што тој не го дава својот глас или своите размисли каде и кон што се движи Македонија или пак едноставно самото повлекување е исто еден морален чин и е голем нем крик во ова ужасно време во кое живееме и тој крик се разбира, постојано се слуша.

Театарската критика и научната фела го карактеризира „Иванов“ како рускиот Хамлет и тоа е така. Јас имам можност првпат во својата кариера да играм во драма на Чехов, ова е мое прво влегување во убавината на овој прекрасен автор во кој сум вљубен до уши. Има неколку автори кои ми предизвикуваат таков вид на ‘чувстување’, се разбира таков е Шекспир, Бекет, Јонеско, Хајнер Милер, и еве сега, Чехов. Сè сум прочитал, но никогаш, како актер, не сум влегол во неговите дела и навистина сум вљубен во неговата луцидност, широчина, добрина, во неговото знаење, интелектуална моќ, во можноста да ги комбинира и да се повикува на авторите пред него, како што се Шекспир и Гогољ. Во монолозите на Иванов и на Лебедев ги препознаваме големите ликови од делата на големите автори, но Чехов така вешто и толку убаво ги вклопува во неговата идеја и во неговото смирение коешто произведува и вдахнува само и единствено љубов.

Чехов го пишувал Иванов во име на генерацијата која прерано се уморила, ги загубила идеалите и останала без животна енергија.

ЈОЛЕВСКИ: Ликот кој јас го играм, Лебедев, е управител на земската управа. Сопруг на Зинаида Савишна, татко на Саша Лебедева. Интелектуалец, кој завршил на Московскиот универзитет, човек кој ги има сите капацитети да биде столб, стожер на нешто што е ново, просперитетно, напредно, да се слуша неговиот глас во општеството. Но, тој се повлекува, ретерира. Се повлекува во рамките на своето семејство и би рекол него ‘го изела’ средината. Тој преживува како човек, единствената надеж за неговото опстојување е љубовта кон неговата ќерка и неговото семејство да биде згрижено. Но, сите негови интелектуални капацитети паѓаат во вода,, тој е практично како човек без иднина, без идеја како да го продолжи животот како дел од општетвото. И тој, би рекол, исто како и интелектуалната сила во Македонија, се повлекува некаде по ќошевите каде што роворат стаорци и воопшто не ја крева главата. Останува со свиткана глава, живее само за да преживее, но не и да дише со полни гради и да живее живот на човек со големо Ч.

Како е можно актуелните проблеми на руските интелектуалци за кои пишува Чехов во 80-те години на 19 век да важат и за денес?

ЈОЛЕВСКИ: Јас мислам дека ништо не е променето во последните неколку илјади години. Човекот не ја учи лекцијата од минатото. Едноставно, човекот веројатно е самозадоволно суштество полно со суета коешто не сака да ја научи лекцијата од минатото. Минатото и историјата мора да бидат учители и тие лекции што ги дава литературата, историјата, уметноста создавана со векови наназад, треба да бидат поттик за да се дојде до свежина на човековиот дух. Авторите се повторуваат и сите човечки постапки и идиотштини се повторуваат и очигледно човекот не сака да ја научи лекцијата. Токму заради тоа овие автори како Чехов се многу важни. Затоа што авторите купуваат или земаат или се повикуваа на авторите пред нив за повторно и повторно да го опомент човекот дека линијата на движење по којашто оди човештвото не е таква каква што треба да биде.

Јолевски: Човекот веројатно е самозадоволно суштество полно со суета коешто не сака да ја научи лекцијата од минатото. Фото: Александар Ивановски

Дали тогаш ќе дојде генерација којашто ќе даде вистински интелектуален отпор?

ЈОЛЕВСКИ: Не знам, надежта секогаш останува. Тоа е особина на човекот, да се живее во надеж бидејќи доколку не постои надеж, тогаш може само да се умре. Или да се чека бавна смрт. Многу е важно човекот да ја има надежта дека ќе дојде нова генерација која што ќе направи пресврт и револција во уметноста, политиката, општествените движења, дека ќе дојде генерација која што ќе може со крената глава и гордо да каже ‘еве, ние го направивме чекорот во име на генерациите коишто се повлекувале или пак во име на генерациите коишто го дале животот за општеството, државата или за човековата слобода’.

Дали е тоа оптимизам? Значи секогаш може подобро?

ЈОЛЕВСКИ: Се разбира. Јас делувам во полето на уметноста, ако не постои принцип, желба за промена, тогаш не треба да се работи оваа работа. Реално ги гледам работите, такви какви што се. Но, во мојот храм, во театарот, каде што создавам, се чувстувам слободен, можам да креирам, во сојуз со големите автори и режисери кои имаат големи концепти, за големи промени. Уживам во тоа да го побарам тој момент, тој миг на слобода. Се разбира, тоа е во креација и во моментот кога сум на сцената. Да го немам тоа чувство дека може да се случи убавина, да се случи промена, тогаш не би ја работел оваа работа. И, се разбира, тогаш не би имал што да дадам на гледачот којшто доаѓа во темата сала да погледне едно парче уметност.

Целото дејствие на „Иванов“ се одвива на вештачка карпа. Што претставува карпата? Како се снајдовте? Колку беше тешко или лесно да се совлда искачувањето по карпата?

Јолевски: Сите ние живееме во некоја своја ореова лушпа и таа треба да биде нашето кралство. Таа карпа за мене е моето кралство. Фото: Александар Ивановски

ЈОЛЕВСКИ: Имав можност, како студент на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) на прва година, да ја гледам последната изведба на последната претстава на Ристо Шишков кој ја толкуваше улога на Иванов. Тоа беше во 1984 година. Ја гледав на малата сцена на сегашната Национална опера и балет, тогашен објект на Македонскиот народен театар. Како студент на ФДУ бев вџашен, вчудоневиден од ширината и моќноста на мојот колега, Ристо Шишков, кој всушност ја играше својата последна улога. После таа извдеба, тој веќе не играше и после неколку месеци почина. Претставата беше во режија на Бранко Ставрев, со феноменална актерка екипа.

Оваа претстава е нешто сосема различно, за мене многу убаво. Имав можност да работам во еден многу чуден и многу специфичен концепт на режисерката Зоја Бузалковска, со една екипа којашто со голема радост и жар се обиде да го реализира тој силен и стамен концепт. Пројдовме еден многу возбудлив процес. Водевме големи и долги разговори на читачките проби коишто беа во репетициона сала на МНТ каде што зборуваме и за другите дела на Чехов. Се обидувавме да правиме различни паралели помеѓу другите ликови од делата на Чехов и од други дела за да може да дојдеме до суштината на ликовите коишто ги толкуваме. Имавме и друг начин на подготовка, физички, бидејќи целата претстава се одигрува на една карпа. Имавме вежби со инструктори, одевме на Матка, се качувавме по карпите, одевме на вежби во сали каде што има вештачки карпи, имавме секојдневни тренинзи, за да може да го издржиме напорот на нашето постоење на карпата. Поминавме еден целокупен, но напорен, возбудлив и убав процес со сите колеги коишто се од различни генерации. Едно убаво споделување на чувстувањето на Чехов преку темата ‘Иванов’.

Целото дејстивие се случува на карпата. Карпата е и домот на Лебедеви, кабинетот на Иванов, градината кај Лебедеви, сè се случува на таа карпа. Што е карпата и кое е нејзиното значење? Секој од нас има различен поглед на тоа. Јас, како Ѓорѓи Јолевски таа карпа ја чувствувам како мојата ореова лушпа и како актер се обидов преку ликот на Лебедев таа карпа да ја претворам во негова ореова лушпа. Како што би рекол Хамлет, во некоја парафразирана форма, сите ние живееме во некоја своја ореова лушпа и таа треба да биде нашето кралство. Таа карпа за мене е моето кралство. На актерот Ѓорги Јолевски и на Лебедов којшто се обидува тоа парче карпа да го претвори во свој дом, во свој свет, во своја планета или во свој космос.

Во нашиот „Иванов“ ние се занимаваме со тоа каде е местото на граѓанинот во Македонија, каде е местото на уметникот во системот во којшто живееме, каде е нашата мала и убава земја на мапата на светот, дали постоиме односно дали не постоиме, што уште ние треба да направиме за да може да се чувстуваме како луѓе и да може да се чувствуваме слободни.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.