Годинава од 21 – 27 август се одржа седмото издание на ликовна колонија „Безгранични искуства” во Стара Загора, Бугарија.

Главен организатор на настанот е Светлозар Надев со сопругата Антонија Коева, кои несебично се погрижија секој учесник да се почувствува добредојден и инспириран не само за оваа пригода, туку и за своето идно творештво. Сите уметници од Македонија, Турција, Србија и Бугарија беа воодушевени од нивната професионалност.

Манифестацијата заврши со свеченото отворање на изложбата со истиот наслов во галерискиот простор на општината. Градоначалникот Живко Тодоров со многубројни соработници ги поздрави уметниците посочувајќи оти нашите дела се од огромна важност за духовниот развој на жителите од Стара Загора, вели македонската ликовна уметница Гордана Винчиќ која беше дел од оваа ликовна колонија.

Таа истакнува дека одржувањето на ликовната колонија било поддржано и одТракискиот универзитет, старозагорската Опера, повеќе здруженија, Ротари клубот…и сите тие постојано ги посетувале и придружувале уметниците, вели Винчиќ додавајќи дека е најважно што локалното население масовно ја посетило изложбата, а на целиот настан внимание му посветиле и медиумите.

Уметничките дела кои се создале во текот на престојот на уметниците ќе останат на изложба во општината се до крајот на неделава, а потоа ќе бидат поставени во галерискиот простор на Тракискиот универзитет како дел од првата постојана изложба.

Како претставник од Македонија, оставив на градот две дела, акрил на платно, именувани  „Старозагорски русалки I и II”. Имав можност да видам стари тракиски гробници во Казанлак, самата околија на „Долината на царевите”, музеи, галерии и многу други знаменитости. Отидовме и во посета на Тракискиот универзитет како и музејот на коњски возила кој се наоѓа во истиот комплекс. Особено ме трогна посетата на 17-ти фолклорен фестивал во старозагорските бањи кај т.н. „Богородилна стапка”. Таму почувствував како да се враќам во минатото, кога селаните уживале во дружбата, се радувале на животот и сета своја среќа несебично ја споделувале. Облечени во автентични народни носии, земени од трезорот на своите прабаби, момите и момчињата ги поздравуваа посетителите со најубавите танцови и ора. Целата природа како да се радуваше со луѓето, дури и воздухот мирисаше на љубов, раскажува Винчиќ.

Подвлекува дека соработката со општината Стара Загора ќе продолжи и дека на есен е планирана изложба, на која ќе бидат претставени покрај овие кои веќе ги создала во Стара Загора и дела од циклусот „Заљублива природа”. Делата ќе бидат изложени во галеријата „Недев”.

Делата ги изработив специфично за таа пригода за време на мојот престој во градот. Би можела многу убави нешта да кажам за ова прекрасно, инспиративно другарување во Бугарија кое не само што ми ги прошири видиците, туку и ми ја стопли душата. Едно големо БЛАГОДАРЈА до организаторите и сите прекрасни луѓе што ги запознав, завршува Винчиќ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.