Оркестарот на Филхармонија, вечерва, во 20 часот, ќе го одржи првиот концерт во вториот дел од концертната сезона, насловен „Галантна Индија“.
Диригент е маестро Габриел Бебешелеа, а како солистка ќе настапи Елишија Силверштајн, една од најзначајните млади американски виолинистки.
На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр.9 од Жозеф Болоњ (Шевалие де Сан Жорж) и Оркестарската свита од операта балет „Галантна Индија“ од Ж.Ф.Рамо.
„Галантна Индија“ е првата опера балет на Жан Филип Рамо (1683 – 1764), која ја напишал на либрето на Луј Физелије, а премиерно е изведена во Париската опера на 23 август 1735 година. Во ова дело, Рамо ја запознава публиката со различни аспекти на љубовта во далечните земји.
Инаку, американската виолинистка Елишија Силверштајн на светската музичка сцена се етаблира како изведувач со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација. Настапува како солист и како камерен музичар, а нејзиниот репертоар се состои од дела од 17 до 21 век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.